Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија утре на неутрален терен во Унгарија игра со Украина, која на првиот меч во Скопје победи со 24-22

Македонската женска ракометна репрезентација утре во унгарскиот град Кишварда (од 17 часот) треба да го одигра реванш-дуелот со Украина, за пласман на Светското првенство (СП), во декември, во Норвешка, Данска и во Шведска. Македонките ќе се обидат да ја анулираат негативата од два гола, по поразот во Скопје (22-24). Двата гола, сепак, се надоместлива негатива.
– Дали домашниот терен ни создава голем притисок, навистина треба да се види, оти на гости играме подобро. Против Украина во првото полувреме одигравме слабо во одбраната и во нападот, а и со слаб ефект на голманките. Во вториот дел одигравме подобро. Овој пат Украинките покажаа брза игра, иако и тие правеа грешки. Имавме многу исклучувања, а слабата реализација ни е проблем. Сега останува само да го поправиме она што може да се поправи. Се надевам дека на реваншот ќе бидеме подобри, оти разликата во квалитетот не е голема – вели селекторот Љубомир Савевски.
Во редовите на Македонија, која првиот дел го загуби со 8-14, а во вториот имаше серија од 11-3, кога израмни на 16-16, најпрецизна беше десното крило Сара Ристовска, која осум пати ја затресе противничката мрежа, а по три гола постигнаа Јована Саздовска и Моника Јанеска. Кај Украинките со по пет гола се истакнаа Мариана Маркевич и Тамара Смбатиан. Македонија постигна 22 гола од 44 шута (50 отсто реализација), а Украина 24 од 38 удари (63 отсто).

– Не сум задоволна, оти се подготвувавме да дадеме 200 отсто против еден ривал што не е многу над нас. Шансите беа 50-50 отсто, но може поради еуфорија, преголема желба, па направивме многу грешки во почетокот, кога и промашивме многу зицери. Се надевам дека тоа ќе го поправиме до следниот меч и ќе одиграме добро како во второто полувреме. Ќе биде многу тешко, сепак, имаме два гола негатива, а за жал не ја искористивме предноста на домашниот терен. Не се предаваме, шансите се еднакви. Ќе се бориме и ќе дадеме сѐ за да се пласираме. Сите размислуваме позитивно – вели искусниот десен бек Елена Ѓорѓиевска.
Македонија досега пет пати настапи на СП, последен пат во 2007 година (12-то место), а најдобриот пласман го оствари во 1997 година (седмо место). Украина седум пати досега била дел од мундијалите, најдобриот пласман ѝ е четвртото место во 2003 година. Г.И.


БАРАЖ ЗА СП 2023

Швајцарија – Чешка 31-32
Романија – Португалија 35-20
Австрија – Шпанија 28-28
Исланд – Унгарија 21-25
Италија – Словенија 25-31
Турција – Србија 24-33
Словачка – Хрватска 23-25
Полска – Косово 36-22
Македонија – Украина 22-24
Германија – Грција вчера

реваншите се утре и задутре