Фото: Игор Бансколиев

Освен стожерот на репрезентацијата, кој се состои од интернационалки и тие што се стандардни во Македонија, ќе треба да најдеме уште четири-пет ракометарки со кои ќе направиме една група од 16, кои ќе можат да влегуваат секој момент во игра и да заменат други, а тоа да не се почувствува во играта, вели македонскиот селектор Љубомир Савевски

СЛЕДУВААТ ДУЕЛИ СО СЛОВЕНИЈА ВО ЕВРОКУПОТ

Целта на овие мини-подготовки е да се уигра репрезентацијата, да се видат нејзините можности во мечеви на кои ќе играат сите повикани ракометарки, а не само пет-шест, а другите да седат на клупа, и притоа да настојуваме да играме со темпо на модерен ракомет. Имаме можност да играме со домаќините на ова ЕП, како и со европскиот и светски првак, Норвешка, што е голема бенефиција за нас, ни изјави селекторот на македонската женска ракометна репрезентација Љубомир Савевски, пред двата дуела со Словенија, во рамките на Еврокупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Во годинашното издание на Еврокупот, учесници се трите домаќини на Европското првенство (ЕП) годинава, Македонија, Црна Гора и Словенија, како и актуелниот европски и светски шампион, Норвешка. На подготовките од понеделникот, Савевски не можеше да смета на сите повикани ракометарки.
– Цело време се подготвуваме на сите ракометарки да им најдеме место и да ги провериме пред годинашново ЕП. На овој мини-собир требаше да тестираме два нови бека, Габриела Величковска и Марија Штериова, но, за жал, Штериова се повреди. Освен стожерот на репрезентацијата, кој се состои од интернационалки и тие што се стандардни во Македонија, ќе треба да најдеме уште четири-пет ракометарки со кои ќе направиме една група од 16, кои ќе можат да влегуваат во игра во секој момент и да заменат други, а тоа да не се почувствува во играта.

Ќе имаме уште неколку проби, подготовки од девет дена, како и повик и на уште неколку други ракометарки пред настапот во јуни-јули на Медитеранските игри, кој ќе биде и последен филтер за состав на репрезентацијата. Со евентуални мали измени, во случај ако некој се повреди, составот за Медитеранските игри ќе биде тој со кој ќе настапиме и на ЕП – вели Савевски.
За македонскиот селектор, Словенија со докажан селектор ќе игра сѐ подобро, а тоа ќе се види и на претстојното ЕП.
– Словенија е репрезентација што од фаза на една криза доаѓа во фаза на формирање тим со еден докажан светски тренер и мислам дека со текот на времето ќе игра сѐ подобро, а тоа ќе се види и на ова ЕП. Словенија е на добра линија на издигнување на формата и сметам дека ќе дојде во ситуација да биде меѓу првите пет-шест репрезентации во Европа и во светот – вели Савевски.
Првите два меча во рамките на Еврокупот, против Црна Гора, „црвено-жолтите“ ги загубија, во Скопје со 19-21, а на гости со 30-31. Словенките, пак, двапати загубија од Норвежанките. Првиот дуел помеѓу Македонија и Словенија се игра во Целје утре (18 ч.), а реваншот е во Скопје, в недела (18.30 ч.).