Фото: „Нова Македонија“

Сениорските репрезентации на Македонија имаат по два милиони денари премии за пласман на годинашното Европско првенство за ракометарки, односно на Светското првенство в година за ракометари

РАКОМЕТ

Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на својата последна седница донесе одлука паричната награда за македонската сениорска машка репрезентација за пласман на Светското првенство во 2025 година што треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка да изнесува два милиони денари, а иста премија ќе добие и женската сениорска репрезентација за пласман на годинашното Европско првенство во Австрија, Унгарија и во Швајцарија.
Именувани се дополнителни членови на Натпреварувачката комисија при Ракометната федерација на Македонија, Виктор Андонов и Бобан Мајнов, и истите тие ќе бидат во функција на вршител на должност (ВД). Донесена е и одлука за именување на Кристијан Грчевски за селектор (супервизор), Дарко Јанев за тренер селектор, Тодор Филиповски за кондициски тренер и Николина Бојаџиска за физиотерапевт на женската младинска репрезентација за претстојните дуели во рамките на подготвителниот период и за учество на Светското првенство за ракометарки до 20 години, во Скопје, годинава.
Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија ја усвои и информацијата доставена од Натпреварувачката комисија, за организација на финалниот турнир на Купот на Македонија за 2024 година, во машка и во женска конкуренција, кој ќе се игра во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ (17-19 мај). Г.И.