Кариерата на Неделковски беше испреплетена со многу случувања во ракометниот спорт. Во текот на 55-те години, колку што беше активен во спортот што стана негов живот, тој мина низ сите фази – почна како активен играч, потоа судија, делегат, контролор и функционер. Судија на една Балканијада и на многу меѓународни натпревари

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (227) Неделко Неделковски (2)

Една од најекспонираните личности во ракометниот спорт во минатиот и во првите две декади од овој век, секако, беше Неделко Неделковски. Тој во текот на 55-те години, колку што беше инволвиран во овој спорт, почнувајќи од 1960, па до 2015 година, мина низ сите фази низ кои воопшто можеше да мине еден спортски ентузијаст, кој целиот свој живот го посвети, во случајов, на ракометот. Треба многу простор да се опишат сите доживувања, за да се добие вистинска слика за тоа низ што сѐ минал Неделковски. Тој беше активен играч во Пролет и во Југ, настапуваше и за младинската репрезентација на Македонија, потоа беше познат судија, делегат и контролор, за во годините на создавањето на оној славен женски тим на Кометал Ѓорче Петров да биде прво генерален секретар, а потоа и директор на клубот. Можете да замислите во сиот овој период што сѐ има доживеано и низ какви искушенија поминал, за да може денеска, кога е надвор од саканиот спорт, да се присетува на тоа време, пред сѐ на убавите нешта, кои се зачувани во неговата меморија.

НАЈМЛАД СУДИЈА ВО ПРВАТА ЛИГА

Во првиот дел од мојот запис за кариерата на Неделковски кажав нешто повеќе за играчките денови, за тоа како се живеело и другарувало во далечните 60-ти години од минатиот век. Овој пат ќе се задржам повеќе на оној дел од неговата кариера, кој пред сѐ се однесува на активностите како функционер.
– Веќе споменав оти благодарение на инсистирањето на мојот професор, инаку познат ракометен судија во поранешна Југославија, Христо Димов, успешно го поминав семинарот за судии. Ја имав таа среќа што како активен играч бев привилегиран да не чекам многу меѓу две семинарски сесии, па, така, за неполна година веќе добив лиценца и станав еден од најмладите судии во Македонија. Така, ми се отвори една нова перспектива и можност да останам во саканиот спорт. Имав и една среќна околност, што во почетокот на судиската кариера судев во тандем со еден од нашите најискусни арбитри Томе Наумовски. Судејќи со него ја добивав потребната сигурност и веќе во почетокот почувствував дека можам успешно да запливам во судиските води. Дека не гаев празни надежи се потврди, кога по еден натпревар ми пријде познатиот судија и контролор Гашпар и ми рече: Момче, во тебе има штоф. Ова уште повеќе ме „загреа“ и од тој момент решив максимално да му се посветам на судењето – вели тој.
Потоа во судиската кариера Неделковски ја делеше правдата заедно со Душко Ивановски, потоа со Александар Шаревски, за на крајот да стане неразделен тандем со сега, за жал, покојниот Мојсо Кузмановски.
– Со Мојсо имавме судено многу тешки натпревари. Но секогаш успевавме да излеземе накрај дури и во моментите кога атмосферата во салите беше многу напната и тензична. Знаевме во кој момент како да изреагираме и да ги „скротиме“ понекогаш многу разжестените ракометари, што, пак, смирувачки дејствуваше и на трибините. Тогаш цели градови што имаа прволигаши, како Бјеловар, Цеље, Завидовиќи, Бања Лука, Зрењанин, Панчево, Црвенка, Лесковац, Урошевац, живееја за ракометот, па ако малку се згрешеше во судењето, тоа предизвикуваше лавина свирежи и незадоволство. Покрај тоа, да не заборавиме дека Југославија беше ракометна велесила, машката и женската репрезентација беа светски прваци, а машката беше и олимписки шампион. Сето ова го искачи ракометот на првото место по популарност во екипните спортови. Публиката беше толку стручна што и таа можеше да оцени какво е судењето, добро или лошо. Затоа, моравме да бидеме многу внимателни и да не дозволиме да ни се случи некој кикс, зашто веднаш ќе бевме на удар на јавноста – се сеќава Неделко.

ПОЧЕТОК СО ТРЕМА

Интересно е кажувањето на Неделко за првите негови настапи како судија. Иако веруваше во себе и добро го познаваше ракометот, во кој петнаесетина години помина и како активен играч, сепак, во почетокот имаше трема.
– Убаво се сеќавам на првиот натпревар. Тоа беше дуел помеѓу женските екипи на Берово и на Скопје (поранешен МИК). Некој ќе рече, па добро играа женски тимови и нема да е многу тешко. Но не беше така, некогаш натпреварите во женска конкуренција беа пожестоки и понапнати. Така беше и на мојот прв натпревар како судија, кој во финишот беше многу драматичен и заврши со минимална победа на скопјанките, со 9-8 – вели Неделковски.
Потоа, судиската кариера на Неделковски постојано одеше во нагорна линија. Него и Кузмановски, знаејќи дека ќе бидат коректни, ги бараа сите прволигаши.
– Мора да кажам дека мечевите, иако беа тешки, ни причинуваа големо задоволство да ги судиме, зашто тоа беа дуели меѓу шампионски тимови. Ретко се случуваше од една лига, се разбира во различни периоди, да излезат дури четири европски прваци – Партизан Бјеловар, Борац Бања Лука, Металопластика Шабац и Загреб. Слична беше ситуацијата и во женска конкуренција, каде што Трешњевка Загреб и Раднички Белград беа доминантни не само на југословенската туку и на европската сцена – вели тој.
Инаку, две прволигашки средби особено ќе останат во меморијата на Неделковски. Едната е дуелот помеѓу Црвена звезда и Металопластика, а втората помеѓу Пелистер и Металопластика. Во првата што се играше на Бањица, голманот на шапчаните Башиќ беше феноменален и како од шега ги бранеше седмерците. По првиот дел, Звезда иако имаше предност од шест гола, благодарение пред сѐ на одличните одбрани на Башиќ, на крајот загуби со два гола разлика. Вториот натпревар, пак, во Битола е интересен по тоа што Пелистер го совлада европскиот првак Металопластика, со 27-26. Во таа сезона непосредно пред распадот на поранешната држава, Металопластика ја освои шампионската титула, а Пелистер беше втор.
– За мене голема чест беше што судев и на Балканијадата за жени во Сомбор во 1984 година, а бев редовен учесник како судија, потоа и делегат и на популарниот Струшки турнир. Можеби мојата судиска кариера ќе траеше подолго, доколку прерано не починеше Мојсо Кузмановски, со кого бевме навистина еден уигран судиски тандем. По неговата смрт, јас продолжив во ракометот, но како контролор и делегат на натпреварите – вели Неделковски.

ДИРЕКТОР НА КОМЕТАЛ ЃП

По распадот на поранешна Југославија многу работи се сменија, па, така, на Македонија ѝ се даде шанса со свои екипи и со репрезентацијата да учествува во натпреварите организирани од ЕХФ и од ИХФ. Како резултат на тоа, во 1994 година по иницијатива на Трифун Костовски се роди идејата да се прави нешто големо и по можност да се стигне до европската титула. Ова звучеше неверојатно, но од некаде мораше да се почне. Изборот падна на ракометарките на Ѓорче Петров, кои набрзо добија и ново име Кометал, а беше формиран и еден штаб што требаше да го трасира патот кон големото остварување.
– Тогаш мојот пријател и другар Иван Бојков, кој му беше прв соработник на Костовски, ми понуди, со оглед на тоа што не сум анонимец во светот на ракометот, да дојдам да бидам генерален секретар на клубот. Јас тоа го прифатив и веднаш тргнав во акција. Во договор со тренерот Владимир Радиќ и со Димитар Тодоровски, кој имаше голем придонес за развојот на клубот, тргнав во потрага по играчи. Дури 21 ден бев надвор од Македонија, крстосував во повеќе европски земји и договорив неколку трансфери со квалитетни ракометарки. Тогаш практично почна да се остварува идејата за освојувањето на европската титула. Останав во клубот како директор до октомври 1998 година. Потоа со Нацева, Кастратовиќ и нивните другарки, Кометал енергично тргна и ја оствари поставената цел – стана првак на Европа во 2002 година – вели тој.
Неделковски, откако замина од Кометал ЃП, се вработи како прв човек на администрацијата на РФМ, а го продолжи својот пат низ ракометните терени во светот како делегат и контролор. Особено беше почестен кога во Загреб, во рамките на прославата на годишнината на ЖРК Трешњевка, беше поканет на свеченоста на која тогашниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, му подари мошне скап рачен часовник, во знак на почит за неговиот придонес во развојот на ракометот.
– Ова ми беше еден од најубавите и најимпресивни моменти во мојата 55- годишна кариера. Тогаш почувствував колку луѓето го ценеа она што го дадов во ракометот – вели Неделко Неделковски.