Фото: Маја Јаневска-Илиева

РФМ одреди премии од 30.000 до 60.000 евра за пласман во втората групна фаза, во зависност од бројот на победи. Трите првопласирани од групата Ф во главната групна фаза ќе играат во Катовице, каде што ќе се состави нова група, во која ќе бидат и три селекции од групата Е. Од четирите групи во втората групна фаза, првопласираните две селекции ќе играат во четврт-финалето. Новиот светски првак ќе се пласира на ЛОИ 2024 во Париз, а селекциите од второто до седмото место ќе настапат во олимписките квалификации

РАКОМЕТАРИТЕ ДЕНЕСКА ПАТУВААТ НА СП 2023

Македонската ракометна репрезентација денеска треба да отпатува за полскиот град Краков, каде што ќе ја игра првата фаза од Светското првенство (СП) во Полска и во Шведска, кое почна синоќа во Катовице, со мечот помеѓу домаќинот Полска и Франција. Првиот дуел од групата Ф, Македонија го игра против фаворизираната Норвешка, утре (20.30 ч.). В недела Мaкедонија ќе игра со Холандија, а во вторник со Аргентина. Првопласираните три селекции од сите осум групи ќе обезбедат пласман во втората групна фаза. Четвртопласираните од групите ќе продолжат да играат во Президент-купот, во полскиот град Плок, за пласман од 25-то до 32-то место на СП 2023.
Трите првопласирани од групата Ф во главната групна фаза ќе играат во Катовице, каде што ќе се состави нова група, во која ќе бидат и три селекции од групата Е, во која се Србија, Германија, Катар и Алжир. Во втората групна фаза ќе има четири групи, од каде што првопласираните две ќе играат во четврт-финалето. Новиот светски првак ќе се пласира на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година во Париз, а селекциите до седмото место ќе настапат во квалификациите за пласман на ЛОИ 2024.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги одреди и паричните награди ако македонските репрезентативци ја остварат првата цел, пласман во главната групна фаза, па, така, максималната премија што можат да ја добијат избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров е 60.000 евра, ако групната фаза ја завршат со три победи. Ако остварат две победи во групата Ф, тогаш премијата изнесува 45.000 евра, а пласман со една победа изнесува 30.000 евра. Секоја нова победа во главна рунда, пак, ќе биде наградена со 15.000 евра. Македонија осми пат ќе игра на СП, најдобриот пласман е деветтото место во 2015 година. На ова СП, Македонија уште држи еден рекорд, а тоа е оној на Лазаров, со 92 гола на еден мундијал, резултат што уште не е надминат.
Натпреварите од СП 2023 ќе ги пренесува Македонската телевизија, а термините се 18 и 20.30 часот. Г.И.