Фото: Игор Бансколиев

Наспроти пораките на лидерот на ДУИ од Тирана, дека без Албанците, Македонија ќе ја нема, што голем број аналитичари го окарактеризираа како закана и тиранскo безобразие, ноторен историски факт е дека Македонија постоела со векови, ја имало и ќе ја има и во иднина. Уште од АСНОМ (а и претходно со Крушевскиот манифест на Илинденското востание) било јасно изразено дека сите малцинства се добредојдени во општеството, заедно со нивните култури, јазици, традиција и посебности. Но тие малцинства треба да направат сѐ за да го одржат континуитетот на државата, да се борат против сите надворешни и внатрешни притисоци за промена на идентитетските карактеристики на Македонија, на македонскиот народ и држава, да се борат против криминалот, корупцијата… Затоа што Македонија е една и единствена татковина за сите што живеат во неа. Тоа треба да му се каже и на Ахмети, а во меѓувреме со неговите отворени закани да се позанимаваат надлежните институции

ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА ПРЕРАСНА ВО ТИРАНСКА ЗАКАНА НА АХМЕТИ, КОЈА ЗАСЛУЖУВА И АДЕКВАТЕН ОДГОВОР

Во текот на еден ист ден до македонската јавност допреа од странство две изјави на македонски државјани Албанци за тоа како ја чувствуваат Македонија. Едната е на фудбалерот Аријан Адеми, роден во Хрватска, но со потекло од Македонија, капитен на загрепскиот ФК Динамо и репрезентативец на македонската фудбалска репрезентација.
– Тешко ми е да се простам (од репрезентацијата), бидејќи групата на луѓе таму е одлична. Играме за својата земја, се пласиравме на последното Европско првенство, а сакаме да го направиме тоа уште еднаш. Иако сме во многу тешка група – одговори Адеми на прашање дали и понатаму ќе игра за дресот на фудбалската репрезентација на Македонија.
Неколку часа подоцна, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од Тирана, по средбата на лидерите на албанските партии од Македонија со премиерот на Албанија, Еди Рама, испрати сосема поинаква, заканувачка порака дека „без Албанци – нема Македонија“. Дури и кажано во контекст на потребата за уставните измени што ѝ се наметнати на Македонија со францускиот предлог за отворање на поглавјата во преговорите за членство во ЕУ, кои, според Ахмети, „не му штетат на македонскиот идентитет, туку, напротив, го зајакнуваат“, пораката испратена од Тирана дека „без Албанци нема да ја има Македонија“, во македонската јавност прозвучи повеќе како предупредување, односно закана, отколку како заложба за заедничка европска иднина, што наводно била целта на средбата со албанскиот премиер.
Дури и самата средба на албанските партиски лидери од Македонија со премиерот на Албанија предизвика силни реакции и отворени прашања во македонската јавност за лојалноста на албанскиот политички фактор во земјава спрема македонската држава, во која албанското малцинство ги има сите права, дури и многу повеќе од вообичаените европски стандарди. Затоа, заканувачката порака на лидерот на ДУИ испратена од Тирана ја отвора дилемата колку Ахмети и тие околу него вистински се лојални, се залагаат и ги штитат интересите на државата.
Зашто и Албанците и другите малцинства, заедно со Македонците како мнозински, доминантен и државотворен народ, треба да сторат сѐ за да го одржат континуитетот на државата, да се борат против сите надворешни и внатрешни притисоци за промена на идентитетските карактеристики на Македонија, на македонскиот народ и држава, да се борат против криминалот, корупцијата… Затоа што Македонија, како татковина, е една и единствена за сите што живеат во неа. Таква порака на лојалност, пожртвуваност и љубов кон сопствената татковина, за жал, не слушнавме од Тирана.

– Средбата во Тирана отворено го манифестира албанскиот национален шовинизам, на крајно навредлив начин за Македонците. Изјавата на Ахмети дека државата Македонија зависи од нив не е ништо ново. Тоа е стара политика на Тирана, која постојано се реафирмира. Тоа само покажува дека оваа наша држава нема никаква надворешна политика, а најмалку од сѐ – дипломатија. Клучната грешка на оваа средба Рама ја направи со присуството на неговата министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, со што на настанот му даде еднодржавен сеалбански карактер, а не средба на партиски лидери. И без тоа немаше оправдување за ова тиранско безобразие, меѓутоа со присуството на министерката, Рама ги откри вистинските планови и цели. По сето ова не треба да се очекува никаква лојалност на албанските политички елити од земјава спрема македонската држава – вели поранешниот македонски дипломат и своевремено амбасадор во Тирана, Ристо Никовски.
Наспроти предупредувачките пораки на лидерот на ДУИ од Тирана, во македонското општество никогаш не било спорно дека Албанците се интегративен дел од него. Дури и во историските документи се истакнува дека се дел од историјата на создавањето на македонската држава, заедно со македонскиот народ, кој е носител на тој стремеж. Во современата македонска држава уште од АСНОМ (а и претходно со Крушевскиот манифест на Илинденското востание) било јасно изразено дека сите малцинства се добредојдени во општеството, заедно со нивните култури, јазици, традиција и посебности. Во таков контекст, точна е тезата дека без албанското МАЛЦИНСТВО и другите малцинства, македонската држава нема да е истата, но сите тие малцинства, заедно со Македонците, треба да направат сѐ за да го одржат континуитетот на државата, да се борат против сите надворешни и внатрешни притисоци за промена на идентитетските карактеристики на Македонија, на македонскиот народ и држава, да се борат против криминалот, корупцијата… Затоа Албанците во Македонија не се ДУИ и не може да се поистоветуваат со компромитирани, криминални и други незаконски активности на политичари од албанскиот табор.

– Не е никаква политичка тајна, или конспирација дека Албанците имаат своја национално-етничка агенда и ја реализираат доследно во овие триесетина години независност на Македонија, без оглед на сите предизвици и цели на државата. И сите албански политички партии во Македонија, без оглед на нивните политички разлики, се обединети кога станува збор за тој албански национален етнички интерес, за кој никогаш не криеле дека им е прв приоритет, дури и пред државниот интерес на Македонија, во која ја споделуваат и власта. Средбата во Тирана уште еднаш го покажа тоа. Сепак, изјавата на Ахмети дека „Македонија ја нема без Албанците“ е во голема мера претенциозна и неуверлива. Македонија ја имало и постоела и пред Албанците да бидат во толкав бројност. Претпоставувам дека со таа изјава Ахмети сакал да порача дека како политички фактор албанските партии во Македонија играат одлучувачка улога. Наспроти Албанците, кои велат дека имаат национален обединувачки код, кој не можат да го разберат другите, Македонците во Македонија не успеавме да изградиме национална државна стратегија и цел околу која би се обединиле. Додека постојат иницијативи и тенденции за сите албански партии да влезат во широка коалиција во македонската влада, и понатаму е речиси политичко табу коалицијата на двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – вели историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија.
Причините за отсуството на лојалност на албанскиот политички фактор од Македонија спрема македонската држава, професорот Чепреганов го лоцира во фактот што немаме образование што обединува, туку кое дели. Учениците Македонци и Албанци веќе одат во посебни училишта и не можат да видат што е различно меѓу нив, а што ги обединува. Според него, младите во Македонија растат со различни културолошки матрици, кои државата не ги обединува преку образованието.