Никола Карабатиќ може да собори неколку рекорди во својот последен настап на ЕП
Шеснаесеттото Европско првенство (ЕП) за ракометари ќе има двојна премиера, домаќин првпат ќе биде Германија, но и првпат една земја ќе биде домаќин на првенство со 24 репрезентации (на претходните две ЕП домаќини беа три, односно две земји). Шведска е рекордер со пет титули и е актуелен шампион, Французинот Никола Карабатиќ може да собори неколку рекорди во својот последен настап на ЕП, а три селекции ќе дебитираат. Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави некои факти пред почетокот на ЕП 2024.
– Само една земја како домаќин освоила златен медал досега, а тоа е Шведска во 2002 година и само Шведска успеала да триумфира на ЕП трипати во низа (1998, 2000 и 2002 година).
– Еднаш на ЕП, во 2008 година, во Норвешка, тројца играчи ја поделија наградата за најдобар стрелец, и тоа Ивано Балиќ (Хрватска), Ларс Кристијансен (Данска) и Никола Карабатиќ (Франција), сите со по 44 гола.
– Франција е единствената што била европски, светски и олимписки шампион во исто време, во 2010 и во 2015 година.
– Само еден најдобар стрелец на ЕП, а тоа е Данецот Ларс Кристијансен во 2008 година, освоил и златен медал на истото ЕП.
– Никола Карабатиќ го освои трофејот во 2006, 2010 и во 2014 година и може да стане првиот со четири трофеи, а не е Швеѓанец. Ола Линдгрен, Стафан Олсон, Стефан Ловгрен, Магнус Висландер, Мартин Франдешјо се петте шведски играчи што се четирикратни европски шампиони. Данецот Ханс Линдберг, пак, може да го освои својот трет трофеј, по 2008 и 2012 година.
– Двапати на ЕП најдобриот стрелец бил награден и со наградата за најкорисен играч (МВП), а тоа биле Никола Карабатиќ во 2008 година и Филип Јиха во 2010-та.
– Двајца селектори од 24-те учесници беа шампиони на ЕП, Стафан Олсон (селектор на Холандија, првак со Шведска) и францускиот селектор Гијом Жил со Франција. Исланѓанецот Дагур Сигурдсон со Германија во 2016-та и Норвежанецот Глен Солберг со Шведска во 2022 година се селекторите што триумфирале со странски репрезентации.
– Три селекции играа на сите 16 ЕП, Франција, Хрватска и Шпанија, а Грција, Грузија и Фарските Острови се трите дебитанти на ЕП.
– Тројца чешки играчи биле најдобри стрелци на ЕП, Јан Филип, Филип Јиха и Онджеј Здрахала. Тројца ракометари двапати беа МВП, Ивано Балиќ, Никола Карабатиќ и Џим Готфридсон.
– Само три репрезентации го освоија целосниот сет медали на ЕП, Германија, Данска и Шпанија.
– Шпанија во 1996 година, Словенија во 2004-та, Србија во 2012-та и Данска во 2014 година се селекциите домаќини на ЕП што стигнале до финалето на соодветните шампионати и освоиле сребро.
– Седумнаесет репрезентации се претставени во олстар-тимовите од 1994 година. Деветнаесет селекции од ЕП 2024 настапија и на ЕП 2022.
– Никола Карабатиќ е рекордер со 71 одигран меч на ЕП.
– Вкупно 288 гола постигнал Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон на континенталните првенства. Неговиот рекорд во Германија може да го собори Никола Карабатиќ, кој досега има 279.
– На ЕП 2024 во Германија, 50.000 и повеќе гледачи ќе го соборат светскиот рекорд по посетеност на еден ракометен натпревар на отворањето на шампионатот, пишува ЕХФ на својата интернет-страница. Г.И.