Чувството е повеќе како сон, вели Константин Мостл, моментно прв голман на ЕП 2024, со 59 одбрани, и кој беше играч на мечот во ремито на пријатното изненадување Австрија со домаќинот на ЕП 2024, Германија (17 одбрани). Во групата еден од главната рунда актуелниот олимписки првак Франција е на чекор од пласман во полуфиналето, а кандидат е и Австрија, која ја продолжи својата најдолга серија без пораз на континенталните првенства
РАКОМЕТ – 16. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Многу возбудувања донесе 11-от ден на 16. Европско првенство (ЕП) во Германија за ракометари, по кој актуелниот олимписки првак Франција се доближи до полуфиналето, по победата на мечот со Исланд со 39-32 во групата еден од главната рунда, во Келн. Франција ја продолжи серијата без пораз на пет меча, што е трет таков старт на триколорите во историјата на ЕП. Оваа победа им дава шанса на олимписките шампиони да бидат на чекор од нивното трето полуфинале во претходните четири ЕП. Најдобриот стрелец на сите времиња на ЕП, Никола Карабатиќ, постигна три гола и го подобри својот вкупен резултат на 292 гола, но е и сѐ поблиску да стане првиот играч во историјата што ја надминал граница од 300 погодоци на европските шампионати. Репрезентацијата на селекторот Гијом Жил беше блиску до соборување на својот рекорд од 41 постигнат гол на еден меч. Таа со својот ефикасен напад уште еднаш докажа зошто е една од водечките селекции во борбата за титулата.
Домаќинот Германија одигра првпат нерешено (22-22), со пријатното изненадување Австрија. Нерешените натпревари со Хрватска и со Шпанија и победата на дуелот со Унгарија беа најважните моменти на Австрија дотогаш на ЕП 2024, но избраниците на селекторот Алеш Пајович испуштија уште едно изненадување во преполната арена „Ланксес“ (19.750 гледачи). Резултатот ја одржува Австрија во игра за пласман во полуфиналето.
Германија освои бод по одличната завршница, во која Австрија постигна само еден погодок во последните 12 минути од дуелот, а голманот Андреас Волф одбрани три пенали во текот на мечот. Австрија ја продолжи својата најдолга серија без пораз на ЕП, на пет натпревари. Само две селекции претходно ремизираа на три меча на едно ЕП, Исланд (2010) и Унгарија (2012). Австрискиот голман Константин Мостл, најдобар играч за овој дуел, одбрани 17 удари (46 отсто) и моментно е прв голман на ЕП (59 одбрани).
– Во моментов е малку лудо. Мислам дека одигравме речиси перфектно 50 минути, но потоа имавме проблеми со нападот. Чувството повеќе е како сон, имаме толку голема самодоверба што малку нешта може да нѐ изместат во играта – рече австрискиот голман Мостл.
Ограничувајќи ја Хрватска на еден гол постигнат во последните пет минути од натпреварот, Унгарија стигна до својата четврта победа во петтиот меч на ЕП. Победата со 29-26 значително ги подобрува нивните шанси за напредок кон полуфиналето, уште повеќе што најдобриот резултат досега е шестото место на ЕП 1998. Унгарија со извонреден спој на младост и искуство, а предводена од селекторот Чема Родригез, сега има четири бода во групата и покрај поразот од Австрија. Во следниот меч ќе се соочи со Германија, секако клучен за нивниот пласман во групата.
– Беше тежок физички натпревар против многу добрата игра на Хрватска. Верувавме во себе, си помагавме во текот на 60-те минути, дури и кога противникот се врати во игра. Можеме да бидеме горди на натпреварот што го одигравме – изјави централниот унгарски бек Мате Лекаи.
Актуелниот трикратен светски првак Данска, во главната група два, синоќа имаше шанса да стане првиот тим што ќе стигне до полуфиналето на ЕП 2024 по натпреварот од третото коло, со Норвешка. Г.И.
Карабатиќ е и најефикасен во историја на ЕП
Во својот 75-ти натпревар на европските првенства (ЕП) во ракомет, левиот бек на Франција, Никола Карабатиќ, испиша уште едно спортско парче од историјата. Тој веќе беше еден од двајцата играчи со најмногу освоени медали (пет), заедно со поранешниот соиграч Лук Абало, и е ракометар со најголем број настапи. Сега Карабатиќ го има рекордот и за играч со најмногу постигнати голови, 292.
ВТОРА ГРУПНА ФАЗА
ГРУПА 1
Франција – Исланд 39-32
Унгарија – Хрватска 29-26
Германија – Австрија 22-22
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 106-94 6
Унгарија 3 2 0 1 91-81 4
Австрија 3 1 2 0 80-79 4
Германија 3 1 1 1 78-79 3
Хрватска 3 0 1 2 86-91 1
Исланд 3 0 0 3 81-98 0
Идно коло: Хрватска – Исланд (15.30 ч.), Франција – Австрија (18 ч.), Германија – Унгарија (20.30 ч.).
ГРУПА 2
Словенија – Португалија 30-33
Норвешка – Холандија 35-32
Данска – Шведска 28-27
ТАБЕЛА
Данска 3 3 0 0 104-81 6
Шведска 3 2 0 1 84-78 4
Португалија 3 2 0 1 97-99 4
Норвешка 3 1 0 2 94-97 2
Словенија 3 1 0 2 80-88 2
Холандија 3 0 0 3 87-103 0
Синоќа играа: Словенија – Холандија, Шведска – Португалија, Норвешка – Данска.
- СТАТИСТИКА
Листа на стрелци: Мартим Коста (Португалија) 38/55 (69,1 отсто успешност), Матијас Гидсел (Данска) 37/43 (88,1), Јури Кнор (Германија) 36/60 (60) - Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
- Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч.
- Најмногу асистенции: Недим Ремили (Франција) 33
- Најмногу додавања: Лукас Хутечек (Австрија) 1.193 (99,2)
- Најголемо истрчaно растојание: Лукас Хутечек (Австрија) 22 км
- Најмногу одбрани: Константин Мостл (Австрија) 59/166 (25,54 отсто), Андреас Волф (Германија) 57/151 (37,75), Виктор Халгримсон (Исланд) 49/165 (29,7)