КОЛУМНА ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026 (ПРВ ДЕЛ)
- Ракометна Македонија деветти пат ќе партиципира на едно европско првенство. Машкиот национален тим, во друштво на 24 селекции, на крилјата на (не)реално високите амбиции на јавноста, од една страна, и убава доза резервираност од страна на стручниот штаб на селекцијата, од друга страна, ќе се обиде да ја исполни целта. А која е нашата цел на претстојното ЕП?
Јануари. Месец на празниците, на храната, на семејството. Но и месец на постпразнична депресија и она најважното, барем за мене и слични на мене, месец на ракометот. Оној од национален интерес.
Среќна и успешна 2026 година, многу здравје и успех на сите што сонуваат и работат на исполнување на своите соништа. На сите Македонци, каде и да се!
Ракометна Македонија деветти пат ќе партиципира на едно европско првенство. Машкиот национален тим, во друштво на 24 селекции, на крилјата на (не)реално високите амбиции на јавноста, од една страна, и убава доза резервираност од страна на стручниот штаб на селекцијата, од друга страна, ќе се обиде да ја исполни целта. А која е нашата цел на претстојното ЕП?
Официјално, не знаеме. Македонија има уигран состав, играчи што веќе неколку години по ред се на големите натпреварувања, дузина суперискусни играчи, „најдобра лига“ во регионот, буџет за исполнување на сѐ што е планирано во однос на подготовките на националниот тим, суперпобеднички „воспитан“ стручен штаб… Од обезбедување место во повластен барабан до поминување на групата, каде што се Данска, Португалија, па и Романија. Тоа се нашите амбиции, скриени, јавно искажани или наметнати.
Македонија мора да размислува на чекор напред, но мора да биде и реална за силината на противниците во групата, но и за системот на ЕП.
Добре дојдовте на најавната колумна на „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за претстојното ЕХФ Евро 2026, кое од утре до 1 февруари, којзнае по кој пат, ќе се одржи во Скандинавија. Негови домаќини ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка. Ветуваме објективност, издржаност и интегритет. Посакуваме читање до последен пасус, коментари, критики, полемики и пристојност.
ДАНСКА И ШВЕДСКА ВО ПОЗИЦИЈА ДА ГИ ОЧЕКУВААТ СВОИТЕ ПРОТИВНИЦИ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО?
Кој е кој на Стариот Континент?
Од претходните два европски собира можеме да заклучиме дека двете скандинавски селекции, Данска и Шведска, постојано се во самиот врв и, заедно со Франција, повторно се фаворити за поделба на медалите. Да бидеме реални, Данска, како актуелен светски и олимписки шампион, во моментов е едно ниво над сите други, а за да бидам докрај конкретен, ќе поставам една прогноза, можеби малку неблагодарно и тешко предвидливо, но во насока да го направиме ова ЕП уште поинтересно.
Мојата прогноза за завршниот викенд на претстојното ЕП е следната: Данска и Шведска ги чекаат своите противници во полуфиналето, а за преостанатите две места ќе конкурираат 7-8 горе-долу изедначени селекции. Во прв ред, актуелниот европски првак Франција е малку пред другите, минатогодишниот финалист на СП, Хрватска, полуфиналист Португалија и „новата“ суперсонична Германија, како и кодомаќинот Норвешка, па и уште еден „северњак“ Исланд, Шпанија… и толку. Изненадувања? Не очекувам.
Не очекувам од повеќе причини. Првенствено поради системот, кој е немилосрден спрема селекциите од Третиот Свет. Како потсетување, на ЕП играат 24 селекции, поделени во шест групи. Во следната рунда патуваат првите две селекции од шесте групи или вкупно 12, кои во следната фаза ќе бидат поделени во две групи. Она што паѓа во очи е големата разлика во квалитетот меѓу првите три и вторите три групи. Имено, како фаворити од првите две групи се јавуваат Данска, Германија, Португалија, Шпанија, Франција и Норвешка. Селекции од втор план се Србија и Австрија и Македонија. На другата страна, во групите од Д до Ф фаворити за полуфинале се Шведска и Хрватска и евентуално Исланд, а селекции од втор план се Унгарија, Швајцарија, Холандија и Фарските Острови. Ќе се согласиме дека патот на „трите круни“ и на „коцкестите“ до полуфиналето е далеку полесен од на пример оној на Франција, Германија, Шпанија и Португалија. Толку за оваа несекојдневна ситуација, овој дебаланс, кој и тоа како може да влијае на конечниот расплет за тоа кој ќе биде дел од полуфиналните борби.
Гидсел и Нилсен, Мем и Ремили, Клар и Бергендал, Магнусен и Кристијансон, Кнор и Куштер, Дујшебаев и Тарафета, браќата Кошта. Најдобрите светски ракометари, во зависност од поддршката на другиот дел од тимот, ќе може да се надеваат на најсјајното одличје во европскиот ракомет. А таму, Данска, пред домашна публика и дополнителен мотив да ги обедини сите титули (по ЛОИ и СП), е фаворит, голем фаворит, но на завршниот турнир (каде што секако ќе се пласира) се игра еден натпревар и оставаме простор Франција и особено Шведска да ѝ го „скинат скалпот“.
Од другата страна, бившата југословенска држава уште еднаш го потврди статусот на ракометен регион и на претстојниот континентален собир ќе биде претставена со пет селекции. Покрај Македонија, како резиденти на големи смотри, со сериозни улоги и овој јануари, ќе ги гледаме Хрватска и Словенија, потоа Србија и Црна Гора. Со различни амбиции, од различни стартни позиции, секоја од нив има свој есап за тоа каде сака да се види на големата европска ракометна мапа. Ќе се обидеме за секоја од нив и нивните противници во групите во кои се сместени да го најавиме претстојното ЕП.
СРБИЈА СО ЕЛ КОМАНДАНТЕ ПОВТОРНО СОНУВА „ВЕЛИКЕ СТВАРИ“
Поминаа 14 години откако, на домашен терен, Србија имаше суперуспешен настап и дури освои медал на големо натпреварување. Наместо кревање на свеста, присуство во медиуми, зголемување на базата, финансирање на лигата (или клубовите), следуваа беспарица, маргинализиран статус во однос на фудбалот и кошарката, селектори што се менуваат на лента, невизионерство итн. Секој јануари, со нов селектор, странец или домашен, е нова надеж. Овој пат можеби и најиздржано, кога на кормилото на националната селекција застана за нас добро познато име, Раул Гонзалез, Ел Команданте. Оправдано или не, Србите очекуваат многу, но и постојано потсетуваат за силината на групата во која се наоѓаат, заедно со Германија, Шпанија и Австрија. Супер покриеност на голот со Милосављев, одлични пивоти и солидна зона, крила за респект, но и супернеискусни (за големи настани) играчи на бековските позиции, со мал исклучок на лидерот Лазар Кукиќ. Дали е доволно за изненадување против не така убедливата „црвена фурија“ на Ривера? Зошто да не, веќе двапати ги добија во претходните две-три години.
Главен фаворит во групата е Германија, која има одличен пар голмани, ја има главната оска во ракометот, голман(и), среден бек и пивот(и). Волф, Кнор и Гола, надополнети со два нетипични десни бека, Куштер, Гргиќ, Колбахер се екипа за респект. Австрија, од друга страна, се базира на поединци, но одамна, паралелно со тоа, го негува ракометот што царува со светот.
ЧЕТИРИ СЕЛЕКЦИИ СОНУВААТ СЛЕДНА РУНДА ВО НАЈНЕКВАЛИТЕТНАТА ГРУПА НА ПРВЕНСТВОТО
Според многумина, ова е најнеквалитетната група на ЕП. Ослабената Словенија, „растечките“ Фарани, Црна Гора и инертната Швајцарија. Словенија, со проблеми со повредени играчи како никој друг, повторно е фаворит во групата, во која очекуваме секој на секого да му прави проблем. Со огромна база „зналци“, „дежелата“ очекуваме повторно да „извади“ некој нов ракометен бисер, а, од друга страна, крајно време е одговорност во тимот да земе Домен Макуц, големиот талент (веќе етаблиран играч), кој веќе неколку сезони игра во Барселона, а од јуни ќе игра за Кил. За Словенците, имајќи го предвид начинот на игра, ќе биде проблематичен мечот со Фарски Острови, кои имаат историска шанса да играат во втората фаза од ЕП. Но, истото тоа го посакува и Швајцарија со еден куп бундес-играчи и Портнер на голот, а и „далекометната“ артилерија на Црногорците, со Вујовиќ и со Борозан, но за жал без Симиќ на голот. Кој и да помине во следната рунда ќе биде аутсајдер за пласман во полуфиналето.
„ЛАЛИЊАТА“ ПРОТИВ ДВЕ „ГОЛЕМИ“ СЕЛЕКЦИИ ВО БОРБА ЗА СЛЕДНАТА РУНДА
Тие се сребрени од минатото СП, каде што беа кодомаќини. Имаат селектор од голем калибар, за нив несвојствено, странец. Имаат суперпотентна селекција млади играчи, но и играчи што играат во (нај)големите клубови. Во група се со домаќинот Шведска и, последните години, незгодната Холандија. „Коцкестите“ предводени од Дагур Сигуртсон, двајца суперголмани Кузмановиќ и Мандиќ, десна страна како ретко кој во светот, со капитенот Мартиновиќ, Кларица, Мараш, Шоштариќ и Главаш и „малиот генерал“ Лука Циндриќ. Време е Циндра да даде нешто за „репка“, потврдувајќи го статусот на врвен играч. Недостаток на оваа селекција се нетрпеливоста и одредената недисциплина на бековите, кои сакаат да „решат“ набрзина. Тоа со „големи“ селекции може да биде решавачко. Шведска, нешто погоре во оваа колумна ја најавивме како учесник во полуфиналето, а тука, поради фондот на играчи и улогата на домаќин, е главен фаворит во групата. Феликс Клар, сега во улога на главен и одговорен на теренот, треба да покаже дека е достојна замена за полупензионираниот Готфридсон, играч што пред четири години им го донесе на „трите круни“ петтото злато на европските првенства, а истиот тој беше МВП. Сега е поинаква ситуацијата и Клар треба да покаже дека е достоен да „носи“ голема селекција на ЕП. Сепак, Шведска е тимски силна со многу искусни ракометари, кои играат во големи клубови.
Холандија, од друга страна, селекција што без приговор и во целост го прифати скандинавскиот ракомет и каде што селектор е легендата на светскиот ракомет, Штафан Олсон, во минатото покажа (меѓу другото и Македонија го почувствува тоа) дека без разлика кој е на терен, играта останува непроменета, трчај и шутирај, игра на гол повеќе од противникот, технички солидно потковани со минимум технички грешки. Секако, има и кај „лалињата“ играчи што го „возат тракторот“ како Каи Смит и Лук Стеинс. Овој првиот е аут и ќе биде предизвик за Олсон, на турнирски систем, достојно да го замени. Не се без шанси, но Хрватска и пред сѐ Шведска се благи фаворити за втората фаза.
И за крај на првиот дел од оваа најавна колумна, да не останеме недоречени, да ги спомнеме Унгарија и особено Исланд, како селекции што се непредвидливи, особено Унгарците, кои секогаш „пукаат“ високо, но знаат и од високо да „треснат“ на земја, како што беше пред четири години, кога беа домаќини. Исланд одамна нема медал на голем настан, а има суперѕвезди во тимот, кои се главни играчи на европскиот првак Магдебург, Барселона итн. Тие се мој фаворит, секаде и секогаш.
Во вториот дел од колумната ќе читате: Групата Б на скенер, Македонија како конкурент за следна фаза или аутсајдер што ќе се бори со Романија за подобра позиција во следниот бараж-дуел?
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“
































