Ј. Кореја, која 13-ти пат е на СП (најдобар пласман осмо место во 1997 г.), на ова СП загуби од Унгарија, Португалија, Исланд и од Чиле, а ги совлада Уругвај и Саудиска Арабија. Игра брз ракомет, а носечки играчи се централниот бек Јеонгу Канг, левото крило Донгијун Јанг и левиот бек Таехуан Та
РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА
Македонската ракометна репрезентација денеска (18 ч.) ќе го заврши својот настап на 28. Светско првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска, како и пред 14 години на СП во Хрватска, со меч со Јужна Кореја, дуел што тогаш го добија црвено-жолтите со 32-31, со што го освоија 11-то место. Сега средбата е за пласман на 27-то место.
Јужна Кореја 13-ти пат е дел од светските првенства, а најдобриот пласман ѝ е осмото место на СП 1997 во Јапонија. На ова СП забележа порази од Унгарија, Португалија, Исланд и од Чиле, а ги совлада Уругвај и Саудиска Арабија. Играат брз ракомет, а носечки играчи се централниот бек Јеонгу Канг, левото крило Донгијун Јанг и левиот бек Таехуан Та. Поранешниот десен бек Јун Кјун-шин е најдобриот втор стрелец во историјата на едно СП, со 86 гола, шест помалку од рекордерот Кирил Лазаров.
Македонските ракометари на ова СП забележаа четири порази (од кои три во прелиминарната фаза од Норвешка, Холандија и Аргентина и еден од Тунис во Президент-купот) и две идентични победи (40-25), со Алжир и со Мароко, во Президент-купот, што се и најмногу постигнати голови, но и остварена најголема гол-разлика на македонскиот репрезентативен ракомет на досегашните мундијали. На Македонија ова ѝ е осмо СП, шесто во низа.
Пред одигрувањето на четврт-финалето најмногу постигнати голови досега има Данска (174), а најмалку Аргентина (107). Најмногу примени голови имаат Зелено`ртските Острови (181), а најмалку Египет и Норвешка (118). Најдобра гол-разлика засега има Данска (плус 44), а најмногу голови (47) и најголема гол-разлика на еден меч (плус 35) оствари Шведска во дуелот со Уругвај (47-12). Најмалку голови во првото полувреме (седум) постигна САД на мечот со Египет, а во второто Уругвај (четири) со Шведска.
Досега седум репрезентации постигнале 40 и повеќе голови на еден натпревар, од кои по двапати Македонија (по 40), Франција (по 41), Исланд (40 и 41) и Хрватска (43 и 40), а по еднаш Данска (43), Унгарија (42) и Шведска (47).
СП 2023 е мошне борбено, а само на три меча немало победник. Прв стрелец досега е левиот бек на Чиле, Ервин Фојхтман, со 46 гола од 67 шута (69 отсто ефикасност), еден гол повеќе од левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон (од 59 удари, 76 отсто ефикасност), а трет е холандскиот десен бек Кај Смит со 44 гола (од 55 обида, 69 отсто). Швеѓанецот Тобијас Тулин има најдобра ефикасност од 48 отсто одбрани во поредокот на голманите, со 33 одбрани од 71 удар. Г.И.
Во трка за трофејот се освојувачите на медалите од ЛОИ 2020, СП 2021 и ЕП 2022, Данска (злато, сребро, бронза), Шведска (злато и сребро), Шпанија (сребро и две бронзи) и Франција (злато). Според двојките, можно е во полуфиналето повторно играат истите како и во 2021 година
Сите медалисти од СП, ЕП и од ЛОИ пак се во игра за медали
Данска – Унгарија, Норвешка – Шпанија, Шведска – Египет и Франција – Германија се четвртфиналните двојки на 28. Светско првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска. Во споредба со претходното СП во Египет во 2021 година, сите освојувачи на медалите се во трка за медали и на ова СП, а Шпанија и Норвешка и тогаш се сретнале во четврт-финалето (35-26).
Според двојките, можно е во полуфиналето повторно да се играат истите двојки како и во 2021 година, Франција – Шведска (тогаш 26-32) и Шпанија – Данска (33-35), секако и мечевите за распределба на медалите (за третото место играа Шпанија – Франција, 35-29, а за златото помеѓу актуелниот светски првак Данска и актуелниот европски шампион Шведска, 26-24). Меѓу четвртфиналистите се и освојувачите на медали од ланското Европско првенство, Шведска, Шпанија и Данска, како и од минатогодишните Летни олимписки игри, Франција, Данска и Шпанија.
Новиот светски шампион ќе обезбеди директен пласман на СП 2025, кое треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, но и настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз.
СП 2023, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Данска – Унгарија 18 ч.
2. Норвешка – Шпанија 18 ч.
3. Шведска – Египет 20.30 ч.
4. Франција – Германија 20.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 петок
Победник 3 – Победник 4 петок
ПРЕЗИДЕНТ-КУП
Меч за 31-то место
Уругвај – Алжир 13 ч.
Меч за 29-то место
С. Арабија – Мароко 15.30 ч.
Меч за 27-то место
Ј. Кореја – Македонија 18 ч.
Меч за 25-то место
Чиле – Тунис 20.30 ч.
ПЛАСМАН НА СП 2023 ОД 9 ДО 24 МЕСТО: 9. Хрватска, 10. Словенија, 11. Србија, 12. Исланд, 13. Португалија, 14. Холандија, 15. Полска, 16. Бахреин, 17. Бразил, 18. Црна Гора, 19. Аргентина, 20. САД, 21. Белгија, 22. Катар, 23. Зелено`ртски Острови, 24. Иран.