Фото: Архива на „Нова Македонија“

Црвено-жолтите на осмиот настап на ЕП се во групата А со Германија, Франција и со Швајцарија. На ЕП 2024 се очекуваат 17 интересни натпреварувачки дена со 65 натпревари, а се очекува и рекорден настан, на 10 јануари, кога ќе присуствуваат повеќе од 50.000 гледачи за да се постави нов светски рекорд за посетеност на еден ракометен натпревар

РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА ЕП 2024

Македонската ракометна репрезентација продолжува со подготовките, кои почнаа во четвртокот, во Стара Пазова (Србија) за Европското првенство (ЕП) во Германија во јануари в година, а на црвено-жолтите веќе им се приклучи интернационалецот, левиот бек Филип Талески, кој ги брани боите на Бенфика, а според информациите денеска треба да дојде и последниот од списокот репрезентативци, голманот на португалски Порто, Никола Митревски, кој доцни поради клупските обврски во тамошното првенство.
Македонија покрај секојдневните тренинзи во Стара Пазова, кои добиваат интензитет, во план има да одигра и пријателски меч в петок со селекцијата на Црна Гора, која исто така е учесник на ЕП 2024. По пријателските средби со Грција во Солун (исто така ќе настапи на ЕП во Германија), каде што беа забележани по еден нерешен резултат и победа, во јануари Македонија ќе одигра и два возвратни дуела со таа селекција, во СЦ „Борис Трајковски“ (прво на 4 јануари од 17 ч., влез слободен, а потоа следниот ден меч од затворен тип).
На ЕП се очекуваат 17 интересни натпреварувачки дена, со дури 65 натпревари, а првпат со 24 селекции што ќе играат во една држава. Притоа арената во Диселдорф се подготвува за рекорден настан на 10 јануари, кога ќе присуствуваат повеќе од 50.000 гледачи, кои треба да постават светскиот рекорд за посетеност на еден ракометен натпревар. Финалето е закажано во легендарната арена „Ланксес“ во Келн. Македонија осми пат ќе игра на ЕП, а најдобриот пласман е петто место во 2012 година. Во Германија македонската селекција е во групата А заедно со Германија, Франција и со Швајцарија. Г.И.