Фото: РК Алкалоид

Ова е голем успех за македонскиот ракомет, за спортот, за Алкалоид, затоа што e клуб составен 99 отсто од македонски играчи, кој успеа да се пласира во едно европско полуфинале, рече тренерот Лазаров. Алкалоид, кој за пласман во полуфиналето ќе игра со норвешки Рунар Сандефјорд, сезонава на осум натпревари во Европскиот куп забележа седум победи и едно реми

РАКОМЕТ – АЛКАЛОИД Е ПОЛУФИНАЛИСТ ВО ЕВРОПСКИОТ КУП

Ракометарите на Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров, остварија голем успех, пласирајќи се во полуфиналето на Европскиот куп, откако во салата „Автокоманда“ во Скопје во реванш-дуелот убедливо го совладаа романскиот претставник Баја Маре со 32-25 (18-12). Првиот натпревар на гостински терен заврши без победник, 31-31. Во полуфиналето на Европскиот куп Алкалоид ќе игра со норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд, првиот натпревар на програмата е во Скопје, на 19 или на 20 април, а реваншот е седум дена подоцна.
Алкалоид беше доминантен во целиот натпревар, постојано имаше предност, а на полувремето замина со шест гола разлика. Промена на резултатски план немаше ниту во вториот дел.
Прв стрелец кај скопјани беше Александар Петковски со седум гола, Марко Стојковиќ постигна пет, а голманот Иван Галевски имаше девет интервенции. Кај гостите предничеше аргентинскиот десен бек Габриел Кумпаничи, кој постигна осум гола.
– Среќен сум и задоволен. Можеби уште не ја чувствувам таа среќа затоа што ни почнува плејофот. Ова е голем успех за македонскиот ракомет, за спортот, за Алкалоид, затоа што e клуб составен 99 отсто од македонски играчи, кој успеа да се пласира во едно европско полуфинале. Тоа ме прави горд, се надевам дека и луѓето од клубот исто така. Немаме време да се израдуваме, но таков е професионалниот спорт. На играчите им упатувам честитки за пристапот, сериозноста и за борбеноста, како и за пласманот во следната фаза. Се чувствува во одредени моменти дека ни недостасува искуство да бидеме подобри.

Задоволен сум од пласманот, но треба да тежнееме во некои сегменти да имаме подобра реакција. Ова е огромен успех и ќе играме против Рунар Сандефјорд од Норвешка. Од информациите што ги имам, нѐ очекува атомски ракомет, нема да биде лесно – изјави Лазаров.
Своето задоволство не го криеше ни десниот бек на Алкалоид, Давид Савревски.
– Сакам да им се заблагодарам на соиграчите за играта и на публиката за нивната поддршка. Се пласиравме во европското полуфинале, но не застануваме тука. Ни почнува плејофот в среда, почнуваме со Вардар. По овој меч ќе се подготвуваме за следните предизвици што нѐ очекуваат – рече десниот бек Савревски.
За пласман во полуфиналето Алкалоид ги победи Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виена (Австрија), Бриксен (Италија) и сега Баја Маре, при што на осум натпревари забележа седум победи и едно реми.
Пласман во полуфиналето на Европскиот куп за сезонава обезбеди и Извиѓач (БиХ), а натпреварот помеѓу Партизан и АЕК е одложен (првиот натпревар во Атина заврши со победа на АЕК со 27-22). Г.И.


ЕВРОПСКИ КУП ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Алкалоид – Баја Маре 32-25 (63-56)
Извиѓач – Хаукар 33-26 (60-56)
Р. Сандефјорд – Олимпијакос 33-23 (64-60)
Партизан – АЕК одложено
во заградите се вкупните резултати по двата меча
ПОЛУФИНАЛЕ
Алкалоид – Р. Сандефјорд
Партизан/АЕК – Извиѓач
натпреварите на програмата се од 19 до 27 април