РАКОМЕТ
Селекторот и капитен на машката сениорска репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, го скрати првобитниот список од 35 ракометари на 23 (во кои има шест интернационалци), на кои ќе смета за претстојните бараж-дуели со Чешка за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2023 година ќе се одигра во Полска и во Шведска. Собирот е закажан за в сабота (18.30 часот), во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Првиот дуел со Чешка се игра во Злин на 13 април (19.15 ч.), а реваншот е на 17 април во Скопје (20 ч.). Победникот од овој втор и конечен двомеч ќе се пласира на СП. Како што е познато, Македонија во првата бараж-рунда излезе како победник против Романија. Во Скопје убедливо славеше со 30-22, а на гости загуби со 22-24.
Поради повредата, отпадна левото крило Цветан Кузманоски, а на негово место се повикани Дарко Кондев од Тиквеш и Петар Атанасијевиќ од Еурофарм Пелистер. По санирањето на повредата, во селекцијата се враќа Марко Мишевски од Вардар.
ГОЛМАНИ: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ. ЛЕВИ КРИЛА: Гоце Ојлески, Петар Атанасијевиќ, Дарко Кондев. ДЕСНИ КРИЛА: Гоце Георгиевски, Ненад Костески. ДЕСНИ БЕКОВИ: Кирил Лазаров, Мартин Серафимов, Томислав Јагуриноски. ЛЕВИ БЕКОВИ: Филип Талески, Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ, Марко Мишевски. СРЕДНИ БЕКОВИ: Филип Миркуловски, Марко Митев, Игор Ѓоргиев. ПИКЕРИ: Жарко Пешевски, Стојанче Стоилов, Никола Маркоски. ДЕФАНЗИВЦИ: Михајло Младеновиќ, Марко Стојковиќ.