Фото: „Нова Македонија“

Македонија, која во првото коло ќе игра дома со Естонија, на 6 ноември, а четири дена подоцна на гости со Литванија, ќе игра за пласман на своето деветто европско првенство

РАКОМЕТ

Селекторот на македонската сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, го скрати на 20 играчи од првобитно објавениот список со 35 ракометари, за дуелите со селекциите на Естонија и на Литванија, за почеток на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, кое треба да се игра во Данска, Шведска и во Норвешка. Првиот собир е закажан в недела, во Скопје.
Македонија во првото квалификациско коло ќе игра со Естонија, во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, на 6 ноември (од 20 часот), а во второто на гости со Литванија, четири дена подоцна. Во групата 1 е и Словенија. На ЕП 2026 ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири третопласирани селекции од секоја група. Македонија, која ќе игра за пласман на своето деветто ЕП, во јануари в година ќе настапи на Светското првенство во Хрватска, Данска и во Норвешка, во групата Д, во која се и Унгарија, Холандија и Гвинеја.
Продажбата на влезници за натпреварот со Естонија почна вчера преку интернет-страницата на „МК тикетс“, а влезници можат да се купат и на сите продажни места на „МК тикетс“ низ државата, информира Ракометната федерација на Македонија. Цената на влезниците за овој натпревар е 200 и 300 денари.
Состав: голмани: Марко Кизиќ (Алкалоид), Мартин Томовски (Потсдам, Германија), Иван Галевски (Алкалоид). Леви крила: Патар Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Цветан Кузмановски (Еурофарм Пелистер). Леви бекови: Филип Кузмановски (Еурофарм Пелистер), Павле Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Михајло Младеновиќ (Алкалоид). Средни бекови: Марко Митев (Алкалоид), Игор Ѓоргиев (Алкалоид), Иван Џонов (Алкалоид). Десни бекови: Мартин Серафимов (Алкалоид), Мартин Велковски (Алкалоид), Томислав Јагуриноски (Вардар 1961). Десно крило: Александар Петковски (Алкалоид). Пикери: Жарко Пешевски (Еурофарм Пелистер), Милан Лазаревски (Вардар 1961), Марко Стојковиќ (Алкалоид), Валентин Карасманакис (Алкалоид). Дефанзивец: Михаил Аларов (Вардар 1961). Г.И.