Женскиот ракомет во Македонија е во подем, и на клупски и на играчки план, квалитетот на играта се крена, се појавија повеќе талентирани ракометарки, кои сега треба да бидат ставени во поквалитетен тренажен процес, со соодветна програма, во која ќе има барем најмалку два меѓународни турнира со силни противници. Токму на ваквите турнири и ќе се увиди вистинскиот квалитет на играта, вели Глигоров

РАКОМЕТ – ВЛАДИМИР ГЛИГОРОВ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2008, ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2022

Тренерот Владимир Глигоров ја предводеше женската ракометна репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП) во 2008 година, кое се одржа во Охрид и во Скопје, а македонските репрезентативки се пласираа на извонредното седмо место во конкуренција на 16 селекции, што е најдобар пласман на Македонија на европските првенства, а златниот медал тогаш го освои Норвешка, која и сега е актуелен европски шампион. За тоа што се случи од тогаш до денес со македонскиот женски ракомет, какви шансите на Македонија на ова ЕП што почнува в петок (ќе се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија), споредбата на играта некогаш и сега, за фаворитите за највисок пласман, како понатаму во зголемувањето на играчкиот квалитет, разговаравме со Глигоров.
– Групата во која се наоѓа Македонија, потешка не можеше да биде. Ако девојките успеат да се пласираат понатаму, тоа ќе биде огромен успех за оваа генерација на резултатски план. Но за мене многу поголема бенефиција од постигнатиот пласман ќе биде ако оваа репрезентација фати континуиран настап преку квалификации на големите натпреварувања, како што се европските и светските првенства, отколку постигнатиот пласман. Женскиот ракомет во Македонија е во подем, и на клупски и на играчки план, квалитетот на играта се крена, во изминатиот период се појавија повеќе талентирани ракометарки, кои сега треба да бидат ставени во поквалитетен тренажен процес, со соодветна програма, во која ќе има барем најмалку два меѓународни турнира со силни противници. Токму на ваквите турнири и ќе се увиди вистинскиот квалитет на играта, а не со селекции што само ќе даваат лажна претстава за квалитетот на репрезентацијата. Затоа, ова Европско првенство треба да се искористи за да се дефинираат некои работи како да се продолжи во иднина со женскиот ракомет – вели Глигоров.
Хемијата помеѓу публиката и ракометарките на континенталното првенство во 2008 година за Глигоров засекогаш останува незаборавен момент.

– Не знам дали ќе се создаде вистинска хемија помеѓу репрезентативките и публиката во салата, како што беше на Европското првенство во 2008 година, кога јас бев селектор, со оглед на фактот што сега Европската ракометна федерација ги диктира цените на влезниците, но би сакал да се повтори како што беше пред 14 години, кога со малку среќа против Шведска можевме да бидеме и повисоко пласирани од седмото место. Никогаш нема да ги заборавам моментот кога имавме голем пад во играта и поразот со двоцифрен резултат против Русија, а публиката во салата последните пет минути стана на нозе и нѐ бодреше со силни аплаузи. Тоа многу ни значеше, оти ни даде максимална подршка на следните натпревари, а девојките, пак, им возвратија со максимално ангажирање за крајниот пласман што го остварија. Очекувам сега македонските ракометарки да земат поука од тоа Европско првенство и со полн жар, борбеност и концентрација да влегуваат во секој натпревар пред домашната публика – рече Глигоров.
Според Глигоров, репрезентациите на Франција и на Холандија се најблиску до ракометниот врв на ЕП 2022.
– Според квалитетот, Франција има најквалитетен играчки кадар за шампионската титула, што не значи дека Холандија, која не настапи на ЕП 2008, и стана ракометна велесила со евидентен исчекор, секако може да изненади, односно да биде прва, оти и нејзиниот квалитет е тука некаде како и на Французинките. Сепак, очекувам и ова Европско првенство да биде мошне интересно и неизвесно до крајот – вели Глигоров.


„Ќе биде многу подобро за ракометот ако се воведе временски ограничен напад“

Што се однесува до играта на Европското првенство во 2008 година и изминатиот период до ова ЕП, сметам дека нема некои преголеми промени, освен што се игра побрзо и поснажно, со брз центар и со контранапади, што, пак, резултира и со по 35-40 постигнати голови по натпревар. Женскиот ракомет многу помалку го користи правилото седум на шест кога се со играч помалку, кое во 2008 година и не постоеше, но за мене како тренер и не е некое унапредување ова правило во квалитетот на играта. Но, според мене, за ракометот ќе биде многу подобро ако се воведе временски ограничен напад, а по ударот кон голот да се добијат и неколку дополнителни секунди, како во кошарката. Тогаш и судиите би биле порелаксирани од броење додавања помеѓу играчите или, пак, од нивното слободно убедување кога е нападот пасивен. Што се однесува до одбраната, таа речиси остана на 6-0, како и порано, иако многу ретко може да се види на пример и зона 5-1. Сметам дека и на ова ЕП ќе доминира одбраната 6-0, вели Владимир Глигоров, кој ја предводеше женската ракометна репрезентација на Македонија на Европското првенство во 2008 година, во Охрид и во Скопје. Г.И.