Во изборот на ИХФ се Гидсел, Усчинс, Омар, Ремили, Да Силва, Коста, Сагосен, Фуџисака, Дувњак, Волф, Паличка, Нилсен, Де Варгас, Бергеруд…
РАКОМЕТ – ЛИСТА НА ИХФ
Почна 29-то Светско првенство во ракомет за мажи, во Хрватска, Данска и во Норвешка, натпреварување на кое играчките ѕвезди се среќаваат за да им помогнат на своите репрезентации во трката по медали. Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) направи список од 10 ракометни ѕвезди што треба внимателно да се следат на СП 2025.
l Матијас Гидсел (Данска). Во само два настапа на СП, најдобриот играч на годината на ИХФ за 2023-та, веќе постигна 99 гола. Од своето појавување, Гидсел (25) е незапирлив, постигнувајќи 448 гола на 79 меча за Данска. Тој е прогласен за олстар десен бек на неговото прво СП, во 2021 година, како и за најкорисен играч (МВП) и за најдобар стрелец на СП 2023, со 61 гол. Тука се и наградите МВП на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 и во 2024 година, како и титулата најдобар стрелец на ЕП 2024 и онаа на ЛОИ 2024.
l Ренарс Усчинс (Германија). Пред само 18 месеци, Усчинс (22) играше за јуниорскиот тим на Германија на СП 2023, каде што го освои златото. Непосредно пред тоа тој дебитира во сениорскиот тим, а потоа беше повикан за ЕП 2024. Десниот бек беше четврти најдобар стрелец на ЛОИ 2024 со 52 гола и влезе во олстар-тимот, оти ѝ помогна на Германија да освои сребро. Сега ќе дебитира на СП. Во тековната сезона тој е незапирлив на клупско ниво за Хановер и е трет најдобар стрелец во Бундеслигата со 120 гола, 12 гола зад лидерот Гидсел.
l Јахиа Омар (Египет). Тој полека се појавува како еден од најдобрите десни бекови во светот. Беше прогласен за олстар десен бек на ЛОИ 2020 и МВП на претходните две изданија на првенствата на Африка во 2022 и во 2024 година. Омар (27, сега играч на ПСЖ) ќе биде клучен за Египет, африканскиот шампион, кој беше седми на претходните две СП. СП 2025 е четвртото издание на СП за Омар, кој постигна 64 гола на првите три настапи, откако дебитира во 2017 година, кога имаше само 19 години.
l Недим Ремили (Франција). Важи за еден од најдобрите играчи во светот, беше олстар централен бек на СП 2023, како десен бек олстар на СП 2017, олстар централен бек на ЛОИ 2020 и МВП на ЕП 2024. Ремили (29) е клучен играч за Франција, преминувајќи од неговата десна бековска позиција во плејмејкерска улога, сместувајќи го Дика Мем на десното крило. Со извонредна сезона за Веспрем, МВП на клупско СП 2024, тој е подготвен да испише уште еден дел за од историјата за Франција, во петтиот настап во низа на СП.
l Брајан Монте да Силва (Бразил). Висок 202 см и со неверојатен силен удар, тој е еден од следните во редот за да стане еден од најдобрите леви бекови во светот. Своето деби на СП го имаше во 2023 година, постигнувајќи 17 гола за Бразил, кој го освои 17-то место. Неколку месеци подоцна, Да Силва (21) беше најдобар стрелец на неговиот тим на СП за јуниори во 2023 година, со 39 гола за 16-то место на Бразил. Неговиот потенцијал беше забележан и од Монпелје, една од моќните сили во европскиот ракомет, и со тоа бразилскиот лев бек дебитира во ЛШ, постигнувајќи 62 гола. Да Силва, кој може да биде лидер на националниот тим, се повреди на пријателскиот меч со Германија пред почетокот на СП, но Бразил најави дека е подготвен за игра.
l Мартим Коста (Португалија). Во трите сезони во Европска лига на ЕХФ тој постигна 50, 104 и 62 гола, со што беше еден од најдобрите стрелци за Спортинг. Сега португалскиот лев бек во генералниот пласман е четврти стрелец и има само шест гола повеќе од неговиот брат Франциско. Коста (22) има фантастичен потенцијал, а тоа беше потврдено на ЕП 2024, кога беше заеднички најдобар стрелец, покрај Матијас Гидсел со 54 гола. Ова ќе биде втор негов настап на СП во обидот Португалија вторпат да биде во првите 10, откако првиот пат тоа беше во 2021 година.
l Сандер Сагосен (Норвешка). Постојаноста е многу тешко да се постигне на СП, затоа постигнувањето најмалку 39 гола во четири изданија во низа е карактеристика што е тешко да се најде кај повеќето играчи. Сагосен, норвешкиот предводник и голема надеж за скандинавската репрезентација на СП 2025, дебитира на СП 2017, кога Норвешка освои сребро. Во 2019-та освои уште едно место на подиумот. Тој беше одличен со 41 гол на СП 2017, 51 во 2019-та, 54 во 2021-та и 39 во 2023 година. Вкупно Сагосен постигна 188 погодоци на мундијалите. Норвешкиот лев бек штотуку закрепна по повредата и треба да ја преземе водечката функцијата уште еднаш, како што беше на домашен терен на ЕП 2020, кога Норвешка освои бронза.
l Наоки Фуџисака (Јапонија). „Почнав да се занимавам со ракомет како седумгодишно дете, оти и моите поголеми браќа играа. Тие никогаш не можеа да ја претставуваат Јапонија, но чест ми е што сум тука и го носам знамето на мојот дрес, тоа е неверојатно чувство“, изјави тој во интервју за ИХФ во 2023 година, кога играше за Јапонија на јуниорското СП, кога беше заеднички најдобар стрелец, со 55 гола. Со новиот селектор, Тони Герона, Јапонија цели високо на СП 2025, а откако Фуџисака беше еден од најдобрите стрелци за својот тим на ЛОИ 2024, тоа искуство сигурно ќе му помогне на блескавиот централен бек да има импресивен настап во своето сениорско деби.
l Домагој Дувњак (Хрватска). Ако Фуџисака е дебитант на СП, Дувњак ќе се појави 10-ти пат во низа, откако двапати беше избран во олстар-тимот, во 2013 и во 2017 година. Иако можеби е минат неговиот врв, тој уште е клучен играч за Хрватска и идол за многу сегашни соиграчи. Дувњак има најмногу настапи за Хрватска, а е и најдобар голгетер. Играњето на домашен терен сигурно ќе биде посебно, оти ова ќе биде негов последен настап на СП. Левиот бек најави повлекување од националниот тим по неговото завршување. Хрватот постигна 183 гола на 67 меча на СП, а потребни му се уште 17 за да стигне до посакуваните 200, постигнати од дваесетина играчи досега на СП.
l Голмани. „Најавивме 10 играчи, но мислевме дека може малку да го кренеме нивото и да покажеме малку благодарност кон недоречените херои, голманите“, пишува ИХФ. Тие стануваат сѐ поважни во модерниот ракомет, со некои извонредни одбрани и подготвени за пресврт на натпреварот.
Претходните двајца голмани во олстар-тимовите, Германецот Андреас Волф и Швеѓанецот Андреас Паличка, ќе бидат на СП 2025, но голманската позиција нема недостиг од фантастичен талент, со Данецот Емил Нилсен, Шпанецот Гонзало Перез де Варгас или Норвежанецот Торбјорн Бергеруд, кои исто така ги предводат своите репрезентации. Г.И.
СП 2025, РЕЗУЛТАТИ, ДВОЈКИ
Група А
Чешка – Швајцарија синоќа
Германија – Полска синоќа
Чешка – Полска утре, 18 ч.
Швајцарија – Германија утре, 20.30 ч.
Група Б
Италија – Тунис 32-25
Данска – Алжир 47-22
Италија – Алжир 18 ч.
Тунис – Данска 20.30 ч.
Група Ц
Франција – Катар 37-19
Австрија – Кувајт 37-26
Кувајт – Франција 18 ч.
Австрија – Катар 20.30 ч.
Група Д
Холандија – Гвинеја синоќа
Унгарија – Македонија синоќа
Холандија – Македонија утре, 18 ч.
Гвинеја – Унгарија утре, 20.30 ч.
Група Е
Португалија – САД синоќа
Норвешка – Бразил синоќа
Португалија – Бразил утре, 18 ч.
САД – Норвешка утре, 20.30 ч.
Група Ф
Шпанија – Чиле синоќа
Шведска – Јапонија синоќа
Шпанија – Јапонија сабота.
Чиле – Шведска сабота
Група Г
Словенија – Куба синоќа
Исланд – Зеленортски О. синоќа
Зеленортски О. – Словенија сабота
Исланд – Куба сабота
Група Х
Египет – Аргентина синоќа
Хрватска – Бахреин синоќа
Бахреин – Египет утре, 18 ч.
Хрватска – Аргентина утре, 20.30 ч.