Фото: ЕПА

Ракометарите на Фарски Острови го обележија некомплетното второ коло на ЕП, приредувајќи вистинска сензација со ремито на дуелот со фаворизираната Норвешка, иако губеа со два разлика на една минута пред крајот на средбата. „Се чувствувам неверојатно, остварување на сонот е да се победи, не победивме, но ова што освоиме еден бод со Норвешка за нас е победа. Ова е неверојатен ден за Фарски Острови и за нашиот ракомет, рече Скипаготу, стрелецот на голот за реми

РАКОМЕТ – 16. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Репрезентацијата на Словенија од групата Д, Шведска и Холандија од групата Е, како и Данска и Португалија од групата Ф обезбедија пласман во втората групна фаза веќе по второто коло на 16. Европско првенство (ЕП) за ракометари, кое се игра во Германија. Норвешка и најпријатното изненадување досега на ЕП 2024, селекцијата на Фарски Острови, во своите натпревари во третото последно коло од фазата по групи ќе решаваат за вториот патник од групата Д.
Ракометарите на Фарски Острови го обележија некомплетното второ коло на ЕП 2024, приредувајќи вистинска сензација со ремито со фаворизираната Норвешка, на чело со најефикасниот ракометар на едно ЕП, Сандер Сагосен, со 68 гола.
Понесени од својата бучна петилјадна публика, тие успеаја негативата од два гола на 60 секунди до крајот на средбата да ја дополнат и да освојат еден бод, а тој им го донесе со удар од пенал средниот бек Елијас Скипатогу во последните секунди, за конечни 26-26 и големо славје на дебитантот на континенталните првенства.
Голманот Николас Сатвел, пак, беше еден од најдобрите играчи на теренот, забележувајќи седум одбрани, односно 33 отсто ефикасност против бронзените од 2020 година. По две кола, Фарски Острови имаат еден бод и за пласман понатаму на шампионатот зависат и од резултатот на мечот Словенија – Норвешка во третото коло.
– Се чувствувам неверојатно, остварување на сонот е да се победи, не победивме, но ова што освоиме еден бод со Норвешка за нас е победа. Ова е неверојатен ден за Фарски Острови и за нашиот ракомет – рече Скипаготу.
Македонската репрезентација, по поразот во првото коло од селекцијата на трикратниот европски првак Франција, според распоредот вчера требаше да игра со селекцијата на домаќинот, двократниот европски шампион Германија, во Берлин. Третиот и последен натпревар во својата група А, Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, ќе го игра утре, со репрезентацијата на Швајцарија, која исто така загуби од првото коло, од Германија. Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во главната групна фаза на ЕП 2024.
Во досегашниот некомплетен тек од второто коло на годинашното континентално првенство, најубедливата победа (36-20) ја оствари Холандија на дуелот со БиХ, што е и нејзина најголема победа во настапите на европските шампионати, подобрувајќи го нивниот претходен рекорд, поставен на средбата со Летонија на ЕП во 2020 година (32-24).

Фото: ЕПА

Селекцијата на Шведска, на чело со селекторот Штафан Олсон, обезбеди две победи во првите два меча на ЕП првпат во својата историја, со што веќе го подобри победничкиот ефект од настапот во 2020 година, кога ја освои титулата. Шведска е најуспешна репрезентација на европските првенства, со пет златни медали.
Ист резултат (39-29) на ЕП 2024 досега беше виден на дуелите Хрватска – Шпанија, што претставуваше исто така големо изненадување, и Франција – Македонија. На два меча резултатот беше нерешен, Исланд – Србија (27-27) и Фарски Острови – Норвешка (26-26). Најмногу голови на еден натпревар досега постигна селекцијата на Шведска, која на дуелот со Грузија 42 пати ја затресе противничката мрежа. Г.И.


СЕ ПЛАСИРАА ВО ВТОРАТА ФАЗА

Словенија (група Д)
Шведска и Холандија (група Е)
Данска и Португалија (група Ф)


ГРУПА А
Германија 1 1 0 0 24-17 2
Франција 1 1 0 0 39-29 2
Македонија 1 0 0 1 29-39 0
Швајцарија 1 0 0 1 14-27 0
Вчера: Швајцарија – Франција и Македонија – Германија.

ГРУПА Б
Хрватска 1 1 0 0 39-29 2
Австрија 1 1 0 0 31-24 2
Романија 1 0 0 1 24-31 0
Шпанија 1 0 0 1 29-31 0
Вчера: Романија – Шпанија и Хрватска – Австрија.

ГРУПА Ц
Унгарија 1 1 0 0 26-24 2
Исланд 1 0 1 0 27-27 1
Србија 1 0 1 0 27-27 1
Црна Гора 1 0 0 1 27-27 0
Вчера: Црна Гора – Исланд и Србија – Унгарија.

ГРУПА Д
Словенија 2 2 0 0 64-54 4
Норвешка 2 1 1 0 58-47 3
Ф. Острови 2 0 1 1 55-56 1
Полска 2 0 0 2 46-64 0
Денеска: Полска – Ф. Острови (18 ч.) и Норвешка – Словенија (20.30 ч.).

ГРУПА Е
Шведска 2 2 0 0 71-46 4
Холандија 2 2 0 0 70-49 4
Грузија 2 0 0 2 55-76 0
БиХ 2 0 0 2 40-65 0
Денеска: БиХ – Грузија (18 ч.) и Шведска – Холандија (20.30 ч.).

ГРУПА Ф
Данска 2 2 0 0 63-42 4
Португалија 2 2 0 0 61-51 4
Чешка 2 0 0 2 41-53 0
Грција 2 0 0 2 52-71 0
Денеска: Чешка – Грција (18 ч.) и Данска – Португалија (20.30 ч.).