Во третото коло, светскиот и европски првак Норвешка славеше со 32-27 на гости кај Црна Гора и го задржа максималниот ефект. За синоќа беше закажан првиот меч на Македонија со Словенија, во Целје, а реваншот е в недела
РАКОМЕТ – ЕВРОКУП
Реванш-дуелот помеѓу Македонија и Словенија во четвртото коло на ракометниот Еврокуп ќе се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ в недела, а влезот ќе биде слободен. Поради превентивни мерки против ковид-19, дозволено е салата да биде пополнета со 50 отсто од нејзиниот капацитет. За влез е потребно лицата да приложат еден од неколкуте документи, а тоа е сертификат за извршена имунизација, односно примена најмалку една доза вакцина против ковид-19 или сертификат за прележан ковид-19 во претходните 45 дена, сметајќи од денот на оздравување, информираат од Ракометната федерација на Македонија.
Македонските ракометарки вчера требаше да го одиграат во Целје првиот дуел против Словенија. Во годинашното издание на Еврокупот учесници се трите домаќини на Европското првенство (ЕП) годинава, Македонија, Црна Гора и Словенија, како и актуелниот европски и светски шампион, Норвешка.
Во третото коло ракометарките на Норвешка славеа на гости кај Црна Гора, со 32-27, и го задржаа максималниот ефект со шест бода. Црногорките не успеаја да направат изненадување пред 2.000 гледачи, но дадоа достоен отпор, особено во првиот дел, кој го загубија со 15-16. Црногорките успешно парираа до средината на вториот дел, кога во неколку наврати имаа минимална предност, но Норвешка во 47. минута дојде до недостижни седум гола предност (26-19). Кај домаќинот, кој двапати ја победи претходно Македонија, најефикасна беше Јованка Радичевиќ со девет гола, а одлична на голот беше Марта Батиновиќ со 15 одбрани. Кај Норвежанките, најефикасна беше Кари Братсет-Дале со осум погодоци. Нов меѓусебен дуел на двете селекции е закажан в сабота во Ларвик, Норвешка.
ЕВРОКУП 2022
Црна Гора – Норвешка 27-32
Словенија – Македонија синоќа
ТАБЕЛА
Норвешка 3 3 0 0 6
Црна Гора 3 2 0 1 4
Македонија 2 0 0 2 0
Словенија 2 0 0 2 0
Идно коло: Норвешка – Црна Гора (утре), Македонија – Словенија (недела).