Македонија, која осми пат ќе настапи на СП, никогаш не се сретнала со Холандија или со Аргентина на мундијалите. Аргентина на претходниот планетарен собир го постигна својот најдобар пласман, 11-то место. Холандија е најнеискусна, бидејќи се враќа на СП првпат по 1961 година, откако сега доби вајлд-карта за настап. Фаворизираната Норвешка има нов селектор, а нивниот најдобар ракометар Сагосен се врати во репрезентацијата по долгото отсуство поради повреда

РАКОМЕТ – ИХФ ЈА АНАЛИЗИРА ГРУПАТА Ф НА СП 2023

Македонија никогаш не се сретнала со Холандија или со Аргентина во меч на светско првенство (СП) во ракомет. Сепак, ќе ѝ биде потребна победа за да се пласира во следната фаза, откако не го направи тоа во 2021 година, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) на својата официјална интернет-страница во пресрет на СП 2023 во јануари во Полска и во Шведска. Кирил Лазаров ќе го има својот прв настап како селектор на Македонија откако се повлече како играч, а последен турнир му беше СП 2021 во Египет.
На СП 2021, Аргентина го постигна својот најдобар пласман, освојувајќи го 11-то место. Поразот од Катар во последниот меч од главната рунда го сопре патот на оваа јужноамериканска репрезентација во нокаут-фазата. Кај Аргентина некои искусни играчи ги завршија кариерите, како што е пикерот Гонзало Кару (43), но поквалитетните ракометари, како Диего Симоне, се во репрезентацијата. Во групата Ф, на Аргентина ќе ѝ требаат одлични мечеви против три европски селекции, Норвешка, Македонија и Холандија, за пласман во следната фаза (понатаму одат првите три репрезентации од секоја од осумте групи), оти нивниот резултат против европските репрезентации на СП не е ѕвезден, има само седум победи, три ремија и 36 пораза. Сепак, во изминатите шест СП, Аргентина во пет има барем една победа против европски ривали. Само во Франција, во 2017 година, ги загуби сите три меча.
Од групата Ф, Холандија е најнеискусна, бидејќи се враќа на СП првпат по 1961 година, откако сега доби вајлд-карта за трката за трофејот. Додека женскиот холандски ракомет е во подем, славејќи го трофејот на СП во Јапонија во 2019 година, машкиот репрезентативен ракомет е само тим во подем. Холандија беше на 17-то место на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, но две години подоцна, Холандија го шокира светот со неколку одлични натпревари, елиминирајќи ја Унгарија во прелиминарната рунда и освојувајќи го 10-то место на ЕП 2022, со генерација предводена од двајца извонредни бекови, Лук Стајнс и Кеј Смит.

Првиот беше еден од најдобрите европски играчи во претходните години, двапати најкорисен играч (МВП) на француската лига играјќи за ПСЖ, а вториот беше на чекор да стане најдобар стрелец на ЕП 2022, но беше запрен поради позитивен тест на ковид-19, завршувајќи на четвртото место со 45 гола. Холандија никогаш не се сретнала со Македонија во натпреварувачки меч, ја победи на пријателски натпревар Аргентина (28-17) во 2016 година, а во претходните години имаше тешки дуели со Норвешка.
Фаворизираната Норвешка, пак, ги доби сите четири меча со Холандија (35-30 и 31-26) во квалификациската фаза на ЕП 2010 и во квалификациската фаза на ЕП 2016 (30-22 и 38-24), но и два пријателски меча, еден во 2021 година во Златната лига (40-29). Норвешка, која има нов селектор, Јонас Виле, кој ќе дебитира на голем турнир, против Македонија има три победи, едно реми и еден пораз во изминатите 13 години, но ги доби двата дуела на СП, пред 14 години (29-27) и во 2017-та (34-24). Нивниот најдобар ракометар Сандер Сагосен се врати во репрезентацијата по долгото отсуство поради повреда, пишува ИХФ.
Македонската репрезентација од понеделникот ги почна подготовките за СП 2023, предвидени се и контролни средби со Црна Гора, Австрија и со Израел. Македонија го почнува својот осми настап на СП на 13 јануари со Норвешка, на 15 јануари игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. Г.И.