Металург и Вардар со пријателски меч и официјално го означија почетокот на подготвителниот период за новата натпреварувачка сезона

РАКОМЕТ

Ме радува тоа што одигравме добар натпревар и имавме израмнета игра со Вардар. Прикажавме и повеќе од она што очекувавме. Од моите играчи барав само сериозно и ангажирано презентирање на тоа што го работевме изминативе денови, изјави тренерот на Металург, Иван Марковски, по одигрувањето на првиот контролен меч сезонава.
Металург и Вардар со пријателски меч и официјално го означија почетокот на подготвителниот период за новата натпреварувачка сезона. Мечот помина во изедначена и борбена игра, а во подобра завршница славеа вардарци со 29-24 (15-13).
За да ја најдат вистинската постава на теренот, двајцата тренери, Вујовиќ и Марковски, им дадоа шанса за игра на сите ракометари.
– Се надевам дека играта што ја покажавме во дуелот со Вардар уште повеќе ќе ја надградиме до следните пријателски мечеви против Еурофарм Пелистер и за дуелите на Струшкиот турнир. Браќата Њокас ја покажаа разликата на теренот и можам да порачам дека ќе бидеме тврд ривал за Вардар и Еурофарм Пелистер во домашното првенство. Имаме подлога за добра и успешна сезона – додаде тренерот на Металург, Марковски.
По мечот, металурзите се вратија во Маврово, каде што ќе останат до почетокот на Струшкиот турнир, потоа следува настап на турнир во Цриквеница, Хрватска (28-31 август). Официјалниот почеток на натпреварувачката сезона за металурзите ќе биде на 8 или на 9 септември, со мечот против Пролет.