ЕХФ ќе го распредели вкупниот награден фонд во своите шест најсилни клупски натпреварувања, Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Купот на ЕХФ во машка и во женска конкуренција, а од тоа 8,5 милиони евра се за ЛШ за мажи и за жени

РАКОМЕТ – ЗА НОВАТА ЕВРОПСКА КЛУПСКА СЕЗОНА

Со почетокот на новата натпреварувачка сезона, Европската ракометна федерација (ЕХФ) најави дека годинава ќе има рекордни бројки во однос на наградниот фонд, за екипите што играат во Лигата на шампионите (ЛШ) во машка и во женска конкуренција. Клубовите што се натпреваруваат во ЛШ за мажи и за жени во сезоната 2021/2022 ќе играат за да го освојат својот дел во рекордните 8,5 милиони евра предвидени како парична награда за сезонава, сума што ветува финансиски подобри денови за елитниот клупски ракомет, објави ЕХФ на својата интернет-страница.
Вкупниот награден фонд, кој ЕХФ ќе го распредели во шесте натпреварувања за мажи и за жени, ЛШ, Лига на Европа и Куп на ЕХФ, ќе изнесува речиси 12 милиони евра, што е највисоката парична награда во историја на европскиот клупски ракомет.
– Неверојатно сме возбудени за новата сезона. Не само што сме одушевени да ги пречекаме гледачите во арените туку сме горди што сме во позиција да можеме да им понудиме на клубовите рекордна сума парични награди. Во време на ковид-19, ова е значајно достигнување по предизвикувачките претходни сезони – изјави за ЕХФ маркетинг-директорот на ЕХФ, Давид Шлезак.
Минатиот викенд со мечевите од ЛШ за жени се означи почетокот на новата натпреварувачка сезона во најсилните европски клупски натпреварувања, во кои е предвидено сезонава да се одиграат вкупно 472 натпревари, и тоа по 132 мечеви во машката и женска ЛШ, 148 натпревари аво ЛЕ за мажи и 60 во ЛЕ за жени.


Ноќ на голманите во Фленсбург

Ракометарите на Барселона победнички тргнаа во одбрана на европската титула, триумфирајќи на гостувањето кај германскиот вицепрвак Фленсбург (25-21), во меч од 1. коло од Лигата на шампионите (ЛШ). Главниот збор на мечот го имаа голманите на двата тима, Гонзало Перез де Варгас, кој забележа 16 интервенции на голот на Барселона, и неговиот колега од Фленсбург, Бенџамин Буриќ, кој мечот го заврши со 17 одбрани.
Победничко отворање на сезоната имаа и ракометарите на Динамо Букурешт, кои во 1. коло дома го совладаа полскиот првак Киелце со 32-29. Предводник на Динамо во првата победа сезонава беше бразилскиот лев бек Раул Кампос, кој постигна 11 погодоци без промашување.
Со триумфот над Порто (30-27), Мотор најави дека ќе има што да каже во новата сезона од елитното натпреварување. Значајна победа над големиот ривал ПСЖ забележаа ракометарите на Веспрем, кои иако беа во подредена ситуација во поголемиот дел од второто полувреме, сепак, во финишот од натпреварот и триумфираа (34-31).