Крилото Дибиров во акција

Ракометарите на Вардар се апсолутни фаворити во денешниот дуел против шведски Кристијанстад, во рамките на 2-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ), кој се игра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток во 17.30 часот. Стартната голема победа на гости против актуелниот европски првак, француски Монпелје, секако, претставува само дополнителен стимул за избраниците на новиот вардаров тренер Роберто Парондо да продолжат во истиот стил и во Скопје.

– Се соочуваме со екипа што има искуство од неколку години во ЛШ. Кристијанстад е екипа што практикува различен ракомет, со многу брза игра, контранапади, висок интензитет на теренот, па токму затоа е потребно да играме сериозно и концентрирано од првата до последната минута. Дуелот со Монпелје е веќе заборавен, не сакаме да гледаме назад, а секој нов меч за нас е мошне значаен. Посакувам победа во Скопје – вели левото врдарово крило Тимур Дибиров.

Шведскиот првак веќе трета сезона во низа им е ривал на скопјани во групната фаза во ЛШ, и во сите три настапи доживеа двоен пораз – и дома и на гости. Првиот пат во сезоната 2015/2016, кога црвено-црните на гости славеа со 25-30, а дома со 38-36, потоа во сезоната 2016/2017, кога на гости беше 28-23, а во Скопје 32-29, и минатата сезона, кога Вардар на гости славеше 26-23, а со убедливи 31-15, или вкупен збир од 185 дадени (30,8 по меч) и 151 примен (25,16 по меч) гол. За разлика од скопјани, пак, Кристијанстад, осумкратниот шведски првак, не ја мина групната фаза во 2016 и во 2017 година, лани беше шести во својата група, со осум бода, односно три победи, две ремија, девет порази и вкупна негатива од 60 гола.

Но Швеѓаните, кои годинава имаат дури шестмина играчи што првпат настапуваат во ЛШ и пет интернационалци (тројца Исланѓани и по еден Шпанец и Норвежанец), во никој случај не треба да се потценат, иако во 1-то коло пред своите навивачи загубија од белоруски Мешков, со 30-32. Ударни игли во тимот им се исландскиот лев бек Олафур Гудмунсен (лани даде 53 гола во ЛШ), левото крило Виктор Хален (47), норвешкиот десен бек Стиг Нилсен (26), левиот бек Филип Хенингсон (47), како и новото засилување, шпанскиот централен бек Рехач Канелас, кој лани во Купот на ЕХФ со шпански Грањолес постигна 41 гол. Кристијанстад моментно е водечки во тамошното првенство, со максимални осум бода, пред Сковде и Алингсас, кои имаат по шест. Клубот негува брз транзициски ракомет, а посилна страна му се бековските линии.