Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска играме со актуелниот светски и олимписки првак Данска. Голема чест за мене како селектор и за моите играчи е што ќе играме против најдобрата репрезентација на денешницата, која дејствува речиси совршено во сите сегменти на ракометната игра. Не сакам да им создавам притисок на моите играчи, особено на помладите, но сакам на терен да видам борбена и концентрирана Македонија, изјави Лазаров

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Селекцијата на актуелниот светски и олимписки првак Данска ќе биде денешниот противник (20 часот, пренос на МТВ) на македонската машка ракометна репрезентација во третото квалификациско коло за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка. Македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров денеска во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го има своето селекторско деби на клупата на македонската репрезентација. За Македонија и за Данска ова е прва меѓусебна средба во квалификации за пласман на големо натпреварување, а петта вкупно. Во претходните четири дуели, три на ЕП и еден на светско првенство, победата им припадна на Данците.
– Денеска играме со актуелниот светски и олимписки првак Данска. Голема чест за мене како селектор и за моите играчи е што ќе играме против најдобрата репрезентација на денешницата, која дејствува речиси совршено во сите сегменти на ракометната игра. Не сакам да им создавам притисок на моите играчи, особено на помладите, но сакам на терен да видам борбена и концентрирана Македонија. Презадоволен сум од досега сработеното и од ангажманот на сите репрезентативци – изјави Лазаров, кој додаде дека по мечевите со Данска ќе има појасна слика за играта на македонската селекција.

Данскиот селектор Николај Јакобсен од шампионскиот тим што ја освои светската круна во јануари годинава во Египет овој пат на располагање ќе ги нема пикерите Андерс Захрисон и Магнус Саугструп Јенсен и централниот бек Мортен Тофт Олсен, но затоа неговиот тим ќе биде посилен за искусното десно крило од Фуксе Берлин, Ханс Линдберг, пикерите Хенрик Тофт Хансен (ПСЖ) и Александер Лингранд (Силкеборг), како и левиот бек на Фленсбург, Ласе Милер. Македонија, пак, по неколкугодишна пауза, во своите редови ќе го има централниот бек Филип Миркуловски, а во споредба со тимот што настапи на Светското првенство во Египет, македонската селекција на крилните позиции ќе биде засилена со искусните Дејан Манасков и Гоце Георгиевски.
На ЕП ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните.