Фото: Маја Јаневска-Илиева

Репрезентациите на Словенија, Данска и на Црна Гора ќе ѝ бидат противници на Македонија во групата А на Европското првенство, кое во јануари идната година ќе се игра во Унгарија и во Словачка

РАКОМЕТ – ПО ЖДРЕПКАТА НА ГРУПИТЕ ЗА ЕП 2022

Добивме тежок пат до главната рунда на Европското првенство, но нема изговори, рече селекторот и капитен на македонската машка ракометна репрезентација Кирил Лазаров, по добивањето на ривалите за групната фаза на Европското првенство (ЕП) 2022 година.
Репрезентациите на Словенија, Данска и на Црна Гора ќе ѝ бидат противници на Македонија во групата А на ЕП, кое во јануари идната година ќе се игра во Унгарија и во Словачка. Домаќин на групата А ќе биде вториот по големина унгарски град, Дебрецин.
– Противниците се тие што се и нема што многу да се оптоваруваме на таа тема. Зависиме од себеси и од тоа колку ќе успееме да се подготвиме, за да бидеме на посакуваното ниво до јануари. Се сложувам со Митревски дека ако играме како што умееме не е важно кој ќе биде спроти нас. Ќе настојувам да се подготвиме максимално и на секој меч да одиме на победа – додаде Лазаров.
Пласман во главната фаза на ЕП ќе обезбедат првите две селекции од секоја од шестте групи. Најдобрите шест репрезентации од групите А, Б и Ц ќе играат во Будимпешта, додека, пак, најдобрите шест од групите Д, Е и Ф во Братислава. Завршницата на ЕП ќе се игра во Будимпешта.
Словенија и Данска се добро познати ривали на жолто-црвените од големите натпреварувања и квалификациите за пласман на истите тие. Македонија и Словенија досега меѓу себе играле седум пати од кои четири пати на ЕП и трипати на СП. Македонија има две победи од ЕП, во 2012 (28-27) и 2018 (25-24), додека, пак, Словенците двапати славеа во баражот за ЕП 2008 (33-28, 33-32) и трипати на СП, во Катар 2015 (30-28), во Франција 2017 (29-22) и во Египет 2021 (31-21).
Меѓусебниот биланс со Данска е 6-1 за скандинавскиот состав. Единствената победа над актуелниот светски и олимписки првак (33-29), Македонија ја забележа пред еден месец токму во квалификациите за пласман на ЕП 2022, а во реваншот Данците славеа со 37-21. Данска има и три победи од ЕП, во 2012 (33-32), во 2014 (29-21) и во 2018 (31-20), како и две победи од СП, во 2009 (32-24) и во 2013 (33-30). Со Црна Гора, Македонија има еден официјален натпревар на големите натпреварувања, на ЕП 2018 и кој го доби со 29-28, а во последниот пријателски меч во јануари 2020 година, македонскиот состав славеше со 25-24.
Улогата на бранител на титулата на 15-то ЕП ја има Шпанија, која во финалето на ЕП 2020 година во Австрија, Норвешка и во Шведска, беше подобра од Хрватска.


Рогановиќ: Ќе ја бараме шансата против секој ривал

Добивме многу тешка група, слично како и на претходното ЕП. Ќе биде тешко да играме против реномирани противници, затоа ќе мора максимално да се подготвиме. Сите противници се силни и многупати играле во завршниците на големите натпреварувања, но ние ќе ја бараме нашата шанса против секој ривал, изјави црногорскиот селектор Зоран Рогановиќ.


Врањеш: Секој меч во групата ќе биде дерби

Тоа што во група го добивме светскиот првак Данска, го гледам како предизвик и предност да започнеме на високо ниво. Данците неодамна загубија од Македонија, што значи дека ни Македонија не е лоша селекција, а ни Црногорците не треба да се отпишат. Верувам дека секој меч во групата ќе биде дерби. Без разлика на сѐ, сметам дека добивме добра група, рече словенечкиот селектор Љубомир Врањеш.


Распоред на групите

ГРУПА А (Дебрецин): Словенија, Данска, Македонија, Црна Гора
ГРУПА Б (Будимпешта): Португалија, Унгарија, Исланд, Холандија
ГРУПА Ц (Сегедин): Хрватска, Србија, Франција, Украина
ГРУПА Д (Братислава): Германија, Австрија, Белорусија, Полска
ГРУПА Е (Братислава): Шпанија, Шведска, Чешка, БиХ
ГРУПА Ф (Кошице): Норвешка, Русија, Словачка, Литванија