Во главната групна фаза на 36 меча, признанието девет пати го добиваа голмани, седум пати леви бекови итн. Од четвртфиналистите, Данска, Египет, Шпанија и Шведска во сите три меча од главната фаза ги добија наградите за играч на натпреварот

РАКОМЕТ

Во главната рунда на Светското првенство (СП) во Египет, која почна на 20 јануари и заврши во понеделникот, беа одиграни 36 натпревари, во кои ракометарите презентираа импресивни индивидуални и тимски квалитети. Од 24-те екипи што беа дел од главната фаза, 20 селекции најмалку еднаш во своите редови имаа играч што ја доби наградата „играч на натпреварот“.
Данска, Египет, Шпанија и Шведска од четвртфиналистите и селекцијата на Швајцарија во сите три меча од главната фаза ги добија наградите за „играч на натпреварот“. По двапати играч на натпреварот имаа Хрватска, Унгарија, Норвешка, Полска, Португалија и Катар, а по еднаш најдобар ракометар беше прогласен од редовите на репрезентациите на Алжир, Аргентина, Бразил, Германија, Исланд, Јапонија, Македонија, Русија и на Словенија.

Франција, пак, која заврши на првото место во својата група и забележа совршен ефект на СП во Египет, не освои ниту едно вакво признание во главната фаза.
По позиции, признанието најмногу го добиваа голмани, девет пати, седум пати беа избрани леви бекови, по шест пати леви крила и десни бекови, пет пати наградата ја добија организатори на играта, двапати пикери и еднаш десно крило.
Во оваа фаза по двапати за најдобри играчи на натпреварите беа прогласени Данецот Емил Јакобсен (лево крило) и швајцарскиот голман Никола Портнер.
Во изборот на најдобрите ракометари на мечевите на СП учествуваа и навивачите, кои пет минути пред завршувањето на секој натпревар на официјалната апликација на ИХФ добиваа три имиња што влегуваат во потесниот избор за гласање.