Вардар ги освои бодовите на дербито во Битола, Алкалоид обезбеди пласман во финалето на ЕХФ Европскиот куп
Алкалоид е финалист на ЕХФ Европскиот куп, и против грчки АЕК ќе го брка првиот европски трофеј во својата кратка историја, а само четврти за мак ракометот.
Уморни од супер високиот ритам на натпревари кој го наметнува плејофот во македонското првенство, соочени со повреди на клучни играчи и со непријатна традиција на нашите екипи во Скандинавија, Алкалоид синоќа одиграа натпревар за респект, потврдувајќи уште еднаш дека без разлика кој е на терен во однос на квалитет, искуство и знаење, системот не дозволува да биде поразен. Да, можеби некогаш победен, но многу тешко поразен.
Низ супер содржаен ракометен период поминува македонскиот клупски ракомет, како на домашна, така и на меѓународна сцена. Вечните спортски ривали, на тема ракомет ги вкрстија копјата во рамките на последното коло од првиот круг на плејофот, додека Алкалоид, иако дополнително „осакатен“, со неиграњето на капитенот Симба Ѓоргиев, на реваншот во Скандинавија успеа да ги одбрани оние +5 од Автокоманда и на пенали да го елиминира Рунар, за супер интересно финале против претставникот на нашиот јужен сосед, АЕК Атина.
ВАРДАР ОСВОИ ВАЖНИ БОДОВИ ВО БИТОЛА ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА „ЗЕЛЕНАТА ЕРА“?
Полна сала, квалитет, тензија, неизвесност и секако мал инцидент како потврда за ривалитетот на двете екипи. Едноставно, одлична промоција на ракометот на супер дербито, помеѓу Пелистер и Вардар, натпревар кој заврши со минимален триумф на „двократниот“. Ретко кога Вардар победувал во Битола, па и кога бил во подобра кондиција од моменталната. Од друга страна, после оние +13 над Алкалоид и првата позиција за Битолчани пред плејофот, некако бевме сигурни дека оваа екипа, која игра(ше) ЛШ, нема да дозволи „зелената ера“ да биде прекината, „само“ после две титули во низа. Од друга страна, позицијата на благ фаворит, кој има бод предност, и на домашен терен го пречекува големиот ривал, но и големиот притисок што го прави битолската јавност, веројатно „им ги фати рацете“ на дел од скапите странски засилувања на Пелистер, и на тој начин успевајќи да остане без важни бодови во трката за највредниот трофеј. Сега математиката е друга, и не дозволува понатамошен кикс на Битолчани во вториот дел од плејофот. А, следуваат две гостувања во Скопје…
Да одиме со ред.
Вардар имаше супер коректно судење во Битола, одигра квалитетно и заслужено ги освои бодовите. Стартуваше зона со еден играч кој може и сака да игра во дефанзива, во името на Мечка Лазаревски, и неколку „тотални“ напаѓачи, кои секако дека можат, антрополошки да одиграат зона, но едноставно фокусот им е насочен накај противничкиот гол. Сето тоа со цел да не менува напад одбрана. Од друга страна, поучени од тоа дека Фитиљ е локомотива на Битолчани во нападот, посветија достојно внимание на истиот и оставија доста простор за останатите играчи на Пелистер во нападот. Таа ситуација, во одредена мера ја искористи Тајник, но и Хосни, но не и Радивојевиќ, кој беше „смрзнат“ и не одговори на предизвикот наречен дерби натпревар. Далеку од тоа дека Богдан не е квалитет, сепак е титулар од Фленсбург и Пик Сегед, но во четвртокот, не беше на висина на задачата. Неговата замена, кој издржува казна со „заковување“ на клупа поради предавство, очекувано беше неспремен за еден натпревар од високо ниво. Зошто го кажувам сето ова? Затоа што сум убеден дека, доколку Вардарци беа поприсебни, и наместо на средина и на пивот, свесно дозволуваа направениот „вишок“ играч да завршува на десно крило, многу порано ќе го решеа натпреварот. Во оваа насока, на еден од тајмаутите, советуваше и “големиот“ Стоилов, посочувајќи го делот од зоната каде Вардар е „тенок“ (позиција 4 и 5) и дека „доколку паѓаме, тоа да биде на крило, не од средината или од позиција на десен бек“.
Вардар имаше солидна поддршка од голмани, играа трпеливо во напад, реализираа во голема мера, не дозволуваа „лесни“ погодоци и ја имаа партијата „во џеб“. Кога сме на овој дел од теренот, во зоната на „црвено-црните“ мора да напоменеме дека Пелистер играше „зихерашки“, оставајќи го Фитиљ да напаѓа 1 на 1 на средина или да поминува покрај блокот на пивотот, ситуација која доведе капитенот да биде заслужен за над 85% од погодоците, директно или индиректно, што е преголема зависност од еден играч.
МЕЧКА ГИ НАЧНА, БОРОЗАН ПРОДОЛЖИ, А ХОРИГА ГИ ДОКРАЈЧИ
На другата страна, нападот на Вардарци, со сериозна делкуметна артилерија во Хорига и особено Борозан, но и сериозно доходовниот Лазаревски на „црта“ играше, во голема мера, доста трпеливо. Во овој сегмент, иако во втор план и незабележлив за широка јавност, голема улога во „вработување“ на Мечка, но и задржување на топката во одредени моменти, имаше Томи Јагуриновски, кој беше „сидрото“ кое носеше мир и стабилност. Зоната на Пелистер, малку повозрасна и инертна на круцијалните позиции 3 и 4, а на моменти и неискусна со храбриот потег на Мистер Раул да го уфрли „Цар Самуил“, имаше проблем со брзите нозе на Марио Танкоски, кој го одигра, можеби најдобриот натпревар во последните година или две, момент кој треба да радува, во ситуација кога Митев и Ѓоргиев се повредени. И Марио и Томи одиграа за Борозан и Хорига, но и за Лазаревски, а овој последниов уште еднаш покажа дека покрај неговиот играчки квалитет и доминација во зоната, се профилира во сериозен лидер и човек кој ја „држи соблекувалната“ на Вардарци. Со тоа станува играч чие присуство е бесценето. Во овој дел на теренот треба да потенцираме дека домаќинот ја немаше вообичаената поддршка на голот, и дури во моменти кога „Свети Никола“ влезе во серија, играчите во поле не го валоризира тоа.
Се на се, можеме да кажеме дека Пелистер не беше подготвен да освои бодови, Вардар имаше контрола на се што се случуваше на терен, но и му дозволи на противникот да се доближи и да израмни во самиот финиш, и тоа не како резултат на квалитетна игра на Битолчани, туку повеќе како пад на концентрација и не дисциплина во одредени моменти од страна на одредени бекови кај „двократниот“.
И самиот фото финиш го покажа тоа, во ситуација на нерешен резултат, Хорига ја прелетува, без никаков контакт, зоната, и вторпат (после оној погодок од „деветерец“ во 12 минута) погодува за преземање на врвот на табелата.
За крај ќе потенцирам уште еднаш дека дербито ги оправда очекувањата на јавноста, беше одлична промоција на ракометот и во полн сјај го презентираше истиот. Мистер Раул и Сињор Милано покажаа дека не се нешто страшно подобри од оние кои ги има(в)ме во мак ракометот минатата година, или ние кои го печалат „лебот“ надвор. Не променија ништо во играта, особено во зоната (тука Раул мораше да преземе нешто) како би ја дестабилизирале играта на противникот или ограничиле некои играчи кои се сериозни носители. Нејсе!
„Нивата“ има уште за „орање“, а Вардар оди во Автокоманда, пред и Пелистер да гостува во истата сала. Ако и двата тима освојат бодови, на 8 Јуни ќе се решава титулата во „Јане“. Пелистер може да посакува слично судење како во Битола, како би ја барал шансата за третата титула во низа и продолжување на „зелената“ ера.
АЛКАЛОИД ПОКАЖА ДОСЛЕДНОСТ, ДРСКОСТ И КАРАКТЕР
Алкалоид е финалист на ЕХФ Европскиот куп, и против грчки АЕК ќе го брка првиот европски трофеј во својата кратка историја, а само четврти за мак ракометот.
Уморни од супер високиот ритам на натпревари кој го наметнува плејофот во македонското првенство, соочени со повреди на клучни играчи и со непријатна традиција на нашите екипи во Скандинавија, Алкалоид синоќа одиграа натпревар за респект, потврдувајќи уште еднаш дека без разлика кој е на терен во однос на квалитет, искуство и знаење, системот не дозволува да биде поразен. Да, можеби некогаш победен, но многу тешко поразен.
Марко Митев, моторот во нападот на тимот на Лазаров го нема од тој кобен 17 Март, Костески и Симоноски (иако беше денес во состав) исто така, Дамјан Митев опериран и повторно со ситна повреда, го немаше одреден период. И секако, нај тазе повредата на новиот предводник и капитен на тимот, Игор Ѓоргиев, кој на дуелот со Бутел се здоби со повреда на бутен мускул. (Пре)многу играчи надвор од строј, за така значаен натпревар и така сериозен ривал, како што е Рунар. И тоа во Скандинавија, каде „латентните“ спортисти од северот на Европа, секогаш „добиваат крилја“ и знаат да (пре)газат противник.
Таков расплет на настаните најавуваше и стартот на вчерашниот реванш дуел на македонскиот претставник во Сандрерфјор, Норвешка. Тешко стекнатата позитива од +5, од Скопје, се „стопи“ како лед за осум минути, најавувајќи уште еден дебакл на мак екипа во северна Европа. Импресионирани стрелци кои не можеа да го промашат противничкиот голман и брза казна на другата страна, како ситуација која ги дестабилизира Кизиќ и Галевски. Резултатот на -6 и големи проблеми за Лазаров, во преостанатите педесет и кусур минути ракомет, на Фејсбук пренос со режисер кој одвреме-навреме „заспиваше“ и не ни дозволуваше „во живо“ да ги следиме настаните на терен. Нереално, за еден европски куп, па макар бил и поранешен Челинџ куп.
СЕРАФИМОВ ЛИДЕР, МИТЕВ И ИВАНОСКИ ХРАБРИ ВО КЛУЧНИ МОМЕНТИ
Дамјан Митев, Мартин Иваноски и двајцата десни бекови, Мартин и Мартин, во ситуација на индиспониран Франциско, беа носители на играта во напад. Ако Серафимов, кој беше главен носител во нападот и играше во два правци, заедно со Велковски, имаат солидно искуство на свои 24 и 27 години, што да кажеме за Дамјан и младиот Охриѓанец, кои првпат се соочуваат со ситуација како таа синоќа. Дрски, без респект, со многу храброст и убава „навигација“, токму Митев и Иваноски, во моменти на криза на Серафимов, беа „моторот“ на тимот и го одржуваа Алкалоид на позитивни (во вкупен збир) -3 или -4. Алкалоид беше за нијанса потрпелив во нападот, што е и разбирливо, имајќи предвид дополнително намалениот ростер на играчи, но не отстапувајќи од својата игра, во голема мера. Одигра доста дисциплинирано, играјќи ја својата игра, со доста изолации и игра 1 на 1, и на тој начин нервирајќи го противникот кој сакаше што побрзо да обезбеди разлика која го носи во финале. Серафимов одигра лидерски, беше тој кој единствен „стрелаше“ од полу дистанца, над потценувачки поставената 6-0. Од друга страна, покрај „отсутниот“ Фереира, Митев и Ивановски беа играчите кои ја „бушеа“ зоната на Рунар, потрошија многу енергија во дуел игра, реализираа пенали и асистираа до пивотите.
ГАЛЕЦ И МИТЕВ КАКО ПЕРСОНИФИКАЦИЈА НА ТИМСКИТЕ АТРИБУТИ
На другата страна, брзото комотно водство на домаќинот, веројатно беше причина Мирхол, не сакајќи или не чувствувајќи потреба да ризикува со празен гол, да не форсира формација 7-6, против која во првиот дуел долго немавме решение. Рунар душмански ја казнуваше секоја грешка или недисциплина на Алкалоид, делуваше самоуверено и доминантно. НО, македонскиот претставник покажа доследност, дрскост и карактер. Во таа ситуација особено ме радува односот на осумнаесетгодишниот Дамјан Митев и две години повозрасниот Иван Галевски, кои беа персонификација на погоре наведените суперлативи, кои го красеа тимот.
Време е ракометно Скопје да им оддаде почит на „децата“ од тимот од Автокоманда, без разлика на бојата на дресот кои го имаат во плакарот, без разлика на тоа од која страна на Вардар виреат и го векуваат векот. Време е за „Борис“, затоа што во Македонија доаѓа респектабилна екипа, претставник на Јужниот сосед!
Се гледаме во сала!
Горан Ѓоргоноски
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете