Притисокот беше на наша страна и тоа се виде на теренот. Благодарение на навивачите успеавме да се вратиме во игра, вели македонскиот селектор Јончевски, по победата над Данска во 4-то коло
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија е на чекор до пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година, откако во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, во неизвесен и докрај возбудлив меч од 4-то коло во претквалификациите, по продолжение ја совлада Данска со 74-71, откако во регуларниот дел беше 64-64. Со четвртиот триумф во низа, вратата кон квалификациите за ЕП 2025 сега широко се подотвори.
– Исклучително тежок натпревар, кој покажа дека бевме потврди во одбраната, но имавме проблеми во нападот. Имавме проблеми под кошевите, но некако успеавме да се вратиме, иако не одеше ништо во наша полза, а тие имаа контрола на играта. Уште на самото загревање мислевме дека работата е завршена, оти позначаен беше натпреварот против Норвешка, која имаше две победи кога дојде тука, а Данска дојде со три пораза. Притисокот беше на наша страна и тоа се виде на теренот. Погодуваа тешки шутеви што не беше карактеристично за нив на дуелите од досегашниот циклус. Благодарение на навивачите успеавме да се вратиме во игра. Во Гевгелија сум минал две и пол години и можам да кажам дека овој пат публиката беше најбучна – рече селекторот Александар Јончевски.
Јончевски не штедеше зборови и за новото странско засилување во репрезентацијата Ти Џеј Шортс, кој беше најефикасен на мечот со 33 поени.
– Шортс е играч што може да креира ситуација од непостојни шанси. Шутираше, разигруваше, имаше пет украдени топки и е мотор на екипата како што може и да се забележи и од неговиот клупски ангажман. Едно скромно момче, кое феноменално се вклопи во нашата репрезентација – вели Јончевски.
Во ова коло, Словачка на гости ја победи Норвешка со 68-56. Во групата Д, една победа во последните два меча од овие претквалификации (на гости со Словачка и со Норвешка) ја носи Македонија во квалификациите, а и два минимални пораза ќе го сторат истото тоа. Македонија има најдобра кош-разлика (плус 32), потоа се Норвешка (плус девет), Словачка (минус седум) и Данска (минус 34). Во меѓусебните дуели, пак, Македонија има кош-позитива против Словачка од четири поени, а против Норвешка плус 22, за вкупно плус 26 поена, Норвешка има вкупно минус 15, а Словачка вкупно минус 11 поена. Г.И.
ГРУПА Д
Македонија – Данска 74-71
Норвешка – Словачка 56-68
ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 8
Норвешка 4 2 2 6
Словачка 4 2 2 6
Данска 4 0 4 4
Идно коло (23 февруари 2023 година): Словачка – Македонија, Данска – Норвешка.