Верувам во моите соиграчи и покрај многуте повреди што ни го попречија зацртаниот пат. Имаме силен и отпорен тим, нема да биде лесно, па мора да одиграме најдобро, вели репрезентативецот Џејкоб Вајли, член на Бетис
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Македонската кошаркарска репрезентација по мини-подготовките во Скопје, денеска (16 часот) во Тбилиси, треба да го одигра првиот дуел со Грузија во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, во Индонезија, Јапонија и во Филипини. Три дена подоцна во Скопје следува реваншот (од 20 часот). И двата меча се мошне значајни за двете селекции во групата Г, во која по две кола Шпанија има четири бода, Грузија и Украина по три, а Македонија два бода. Во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.
И покрај големите проблеми со составувањето на репрезентативниот состав, како и фактот дека поради тоа што селекторот Драган Бајиќ е позитивен на ковид-19 нема да ја води репрезентацијата, оптимизмот не ги напушта играчите, кои се подготвени да излезат и да го дадат максимумот на паркетот во Тбилиси.
– Верувам во моите соиграчи и покрај многуте повреди што ни го попречија зацртаниот пат. Имаме силен и отпорен тим, нема да биде лесно, па мора да одиграме најдобро. Сметам дека можеме со многу борба на теренот да ги добиеме и двата дуела со Грузија – вели репрезентативецот Џејкоб Вајли, член на шпанскиот Бетис.
Во Тбилиси нема да бидат искусните, во овој состав кошаркари, како Дамјан Стојановски, Андреј Магдески, Стојан Ѓуроски, Ненад Димитријевиќ, кои се многу значајни носители на играта.
– Сезонава имам повеќе проблеми со повредите и затоа одиграв помалку мечеви и за Валенсија. Ќе го дадам максимумот за да бидам подготвен за вториот дуел со Грузија. Овие два меча се многу значајни за нас, особено оној во Скопје. Треба да го одбраниме домашниот терен и да продолжиме да работиме за следните дуели со Украина. Во професионалната кошарка нема млади и стари играчи, има само добри и лоши. Не чувствувам никаков притисок кога го носам националниот дрес и среќен сум што ме сметаат за лидер на оваа генерација – изјави Димитријевиќ.
Според грузиските медиуми, капитенот Торнике Шенгелија нема да настапи за репрезентацијата на Грузија. Од првобитно поширокиот список со 24 повикани македонски кошаркари за Тбилиси отпатуваа Бојан Крстевски, Андреј Митревски, Кристијан Николов, Војдан Стојановски, Максим Митевски, Павел Данаиловски, Теодор Симиќ, Дамјан Робев, Андреј Маслинко, Валмир Какруки, Џејкоб Вајли и Виктор Ефремовски, a репрезентацијата ќе ја предводат помошниците на Бајиќ, Адмир Прасовиќ и Александар Јончевски.