ЕП ќе се игра во пет града, Берлин и Келн (Германија), Милано (Италија), Прага (Чешка) и Тбилиси (Грузија), во конкуренција на 24 селекции, поделени по шест во четири групи, а најдобрите четири од секоја група ќе одат во втората фаза, додека во Берлин, во арената „Мерцедес бенз“ (14.500 гледачи) е закажано финалето

КОШАРКА – ДЕНЕСКА ВО ЧЕШКА, ГРУЗИЈА, ИТАЛИЈА И ГЕРМАНИЈА ПОЧНУВА 41. ЕП ЗА МАЖИ

Машката кошаркарска репрезентација на Србија е прв фаворит за освојување на 41. Европско првенство (ЕП), кое од денеска до 19 септември ќе се одржува во Германија, Чешка, Грузија и Италија, според Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА).
– Србија со последните триумфи против Грција и Турција во квалификациите за Светското првенство (СП) 2023 ги задржа големи шансите за пласман. Најпрвин ја победи Грција, а потоа во Истанбул ја совлада и Турција. Двократниот МВП-играч во НБА-лигата, Никола Јокиќ, уште еднаш ја покажа својата класа. На ЕП нема лесни натпревари, но може да се каже дека Србија има добар тим, ќе атакува на златниот медал, а ќе ја предводи најдобриот играч во светот – се вели во коментарот на официјалната веб-страница на ФИБА.
Според ФИБА, втор фаворит за освојување на европската титула е бранителот на златото од последното ЕП во 2017 година, селекцијата на Словенија (во финалето ја победи Србија со 93-85, н.з.), предводена од феноменалниот НБА-играч Лука Дончиќ, но и со осуммина кошаркари од последното ЕП. Потоа следуваат Грција, на чело со извонредниот Јанис Адетокумпо, Литванија, Франција, Германија, Шпанија и Италија. Но на ЕП од разни причини ќе отсуствуваат и повеќе познати имиња, како што се: Милош Теодосиќ, Рики Рубио, Никола Вучевиќ, Торнике Шенгелија, Данило Галинари, Богдан Богдановиќ, Серхио Љуљ…
ЕП ќе се игра во пет града, Берлин и Келн (Германија), Милано (Италија), Прага (Чешка) и Тбилиси (Грузија), во конкуренција на 24 селекции поделени по шест во четири групи, а најдобрите четири од секоја група ќе одат во втората фаза, додека во Берлин, во арената „Мерцедес бенз“ (14.500 гледачи) е закажано финалето.
– Мораме позитивно да демонстрираме сѐ што тренираме на теренот. Имаме врвни играчи, искуство и се трудиме да им го покажеме вистинскиот пат.

Тука сме да се приспособиме на нивните навики и можности. Мора да победиме ако сакаме да одиме во Берлин, што е наша цел. Преку првото коло во Прага сакаме да ја подобриме нашата игра и да останеме физички во добра кондиција – оптимист е селекторот на Србија, Светислав Пешиќ.
На последните пет ЕП, Шпанија, која сега ќе настапи ослабена, трипати била прва (2009, 2011, 2015), додека на двапати финалисти биле Литванија (поразена од Франција и Шпанија) и Србија (поразена од Шпанија и Словенија). Следното ЕП во 2025 година треба да се одржи во Летонија, Кипар, Финска, додека четвртиот домаќин сѐ уште не е одреден.
Во групата А, која се смета за најлесна, се селекциите на Шпанија, Црна Гора, Турција, Грузија, Белгија, Бугарија. Групата Б ја сочинуваат Франција, Литванија, Словенија, Германија, Унгарија, БиХ и се смета за најнеизвесна. Во групата Ц ќе играат Грција, Италија, Хрватска, Украина, Велика Британија и Естонија и во групата Д се Србија, Чешка, Полска, Финска, Израел и Холандија.
Во првото коло (денеска) се среќаваат: Шпанија – Бугарија, Турција – Црна Гора, Белгија – Грузија, БиХ – Унгарија, Словенија – Литванија и Франција – Германија. Утре пак, ќе играат: Украина – Велика Британија, Хрватска – Грција, Италија – Естонија, Израел – Финска, Полска – Чешка и Србија – Холандија.
Македонија повторно нема да биде дел од овој континентален собир. Црвено-жолтите досега настапиле на пет ЕП, последен пат во 2015 година (19. место), додека најдобриот пласман претставува историското четврто место во Литванија во 2011 година. Г.И.


Новинарите гласаа за Франција и за Словенија

Официјалната веб-страница на ФИБА ги објави резултатите од направената анкета помеѓу акредитираните претставници на медиумите што ќе го следат ова ЕП. На прашањето кој ќе го освои златото, Франција и Словенија добиле најмногу гласови (по 30,4 отсто). Словенија има најголеми шанси да освои еден од медалите (74,7), пред Франција (62). Дончиќ ќе биде МВП на ЕП (41,8), пред Адетокумпо (22,8) и Јокиќ (11,4). Најдобар стрелец ќе биде Дончиќ (60,8), а најдобар селектор Гркот Димитрис Итудис (27,8), пред Србинот Светислав Пешиќ (13,9).


Рекорди

Легендарниот хрватски центар Крешимир Ќосиќ, кој играше за поранешна СФРЈ, двапати беше прогласен за најдобар играч на ЕП (1971 и 1975), а тоа му појде од рака и на Шпанецот Пол Гасол (2009 и 2015). Најефикасни, пак, кошаркари на четири ЕП се Србинот Радивој Кораќ (1959, 1961, 1963, 1965) и Гркот Никос Галис (1983, 1987, 1989, 1991). На севкупната вечна листа на најефикасни кошаркари на ЕП, прв е Пол Гасол, со 1.183 коша (во просек 20,4 коша по меч) на вкупно 58 меча, а втор е Французинот Тони Паркер, со 1.104 (16,2) на вкупно 68 меча.


Поранешниот СССР најтрофеен, со 14 злата

Вкупно 15 држави досега се закитиле со најмалку едно злато. Поранешниот СССР е најтрофејната селекција во историјата на ЕП, со вкупно 21 медал (14 злата, три сребра и четири бронзи). Поранешна СФРЈ е втора, со 13 медали (по пет злата и сребра и три бронзи), Шпанија, Литванија и поранешна СР Југославија имаат по три злата, Италија и Грција по две злата, а Франција, Русија, Унгарија, Германија, Летонија, Египет, Словенија и поранешна Чехословачка, по еден златен медале. Од сегашните кошаркарски велесили, злато уште немаат освоено Србија, Хрватска, Турција.