Сите овие случувања во Левице ги оставаме зад нас. Би сакал да ја повториме доминантната игра против Норвешка од дуелот во Гевгелија и да се радуваме на пласман во квалификациите. Го заслужуваме тоа, вели репрезентативецот Крстевски, пред мечот на Македонија утре со Норвешка, во кој победа носи пласман во квалификациите за ЕП 2025 и во претквалификациите за ЛОИ 2024
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025
Македонската кошаркарска репрезентација утре (од 18 ч.) во Осло ќе го игра последниот натпревар од групата Д, со Норвешка, во претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Само првите од трите групи ќе играат во квалификациите. Црвено-жолтите со Норвешка играле двапати досега, во квалификациите за ЕП 1997 (една победа) и во овој циклус, лани во ноември во Гевгелија, кога Македонија убедливо победи со 58-36. Најголемата опасност се очекува да доаѓа од бекот Харалд Фреј.
Македонија го претрпи првиот пораз во овој циклус, од Словачка на гости во Левице со 73-82. Црвено-жолтите сега имаат две опции да останат први во групата Д, да ја победат Норвешка или и со пораз да се остане лидер, но само ако Данска ја совлада Словачка (при ист број бодови решава меѓусебниот резултат, Македонија и Словачка имаат по една победа, но Словаците имаат подобра меѓусебна кош-разлика, откако во Скопје загубија со 75-79).
– Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и дека некако се вративме во игра, и поведовме. Во третата четвртина имавме пет-шест отворени шута, но не ги искористивме, а Словачка нѐ казни преку расположениот Крајчович и Бродзијански. При негатива од седум коша не успеавме да ја намалиме разликата на потребните четири. Многу порано, на крајот на втората и цела трета четвртина, го испуштивме чекорот. Во последната четвртина пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со „преземање“, и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, Словаците повторно ја презедоа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме со студени глави и да одиме во Осло. Целосно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси што не успеавме да ги реализираме – рече селекторот Александар Јончевски.
Многуте тројки (14) и доминацијата под кошевите (43-30 во скокови) на Словаците и лошиот удар за три поени и шутот од слободни фрлања на Македонците се причините за поразот. Кај црвено-жолтите најпрецизен беше Ти-Џеј Шортс со 23 поени и шест асистенции, а го следеа Бојан Крстевски со 14 и Андреј Маслинко со 10 коша. Кај Словаците прв поентер беше Симон Крајчович со 23 поени (пет тројки) и Владимир Бродзијански со 18.
– Штета за поразот, имавме добри моменти во Левице, пред сѐ во почетокот на третата четвртина, кога имавме отворени ситуации за шут, меѓутоа не ги реализиравме, а противникот имаше одличен шутерски ден. Но сите овие случувања во Левице ги оставаме зад нас. Би сакал да ја повториме доминантната игра против Норвешка од дуелот во Гевгелија и да се радуваме на пласман во квалификациите. Го заслужуваме тоа – вели Крстевски. Г.И.