КОШАРКА – ЈАДРАНСКА ЛИГА

Македонскиот шампион МЗТ Скопје во првото коло од новата сезона на Јадранска лига загуби во Белград од бранителот на титулата, Црвена звезда, со 67-87

Игравме колку што можевме против една силна евролигашка екипа. Во одбраната бевме подобри отколку во нападот, каде што затаивме. Имавме некои пропусти, но, сепак, задоволен сум од односот и залагањето на играчите на теренот. Пред сѐ, го исконтролиравме скокот, но имавме неколку загубени топки, кои Црвена звезда максимално ги искористи, и тука ги гледам причините за поразот во овој меч. Игравме и без кошаркарите Еван Максвел и Адем Мекиќ, но очекувам барем еден од нив да биде во составот за мечот во Скопје против Партизан, во следното коло – вели тренерот на МЗТ, Александар Петровиќ, по поразот во првото коло во Белград од бранителот на титулата во Јадранската лига, евролигашот Црвена звезда, со 67-87 (9-13, 13-26, 25-26, 20-22).

По пауза од четири години, Македонија со МЗТ Скопје повторно има свој претставник во лигата. Токму „металците“ беа тие што и последен пат беа дел од ова елитно друштво. Скопјани имаат непосакувана жрепка на стартот, оти, освен во првото коло, и во следните две ќе играат против кандидати за титулата, а тоа се белградски Партизан, на 10 октомври во Скопје, и Будуќност од Подгорица.

Во спортската сала „Александар Николиќ“, во Белград, Војдан Стојановски беше најефикасен кај МЗТ Скопје, со 17 поени, Бојан Крстевски уфрли 14, Страхиња Мичовиќ 12, колку што имаше и младиот Самет Јигитоглу (18), кој патем оствари дабл-дабл (12 поени и 14 скока), а кај домаќините најпрецизен беше Американецот Џејлен Адамс, со 16 поени.

Во премиерното коло, во петокот, Задар го совлада Студентски центар со 96-67, а во саботата Игокеа дома загуби од Морнар со 83-91. Вчера на програмата беа дуелите Цибона – Партизан, Будуќност – Сплит и Олимпија – Борац, а за денеска е закажан мечот ФМП – Мега. Г.И.