Париз вторпат го победи Лондон и сега има 12 победи и еден пораз, води во групата А, а со уште две победи во следните пет кола ќе го обезбеди местото меѓу осумте најдобри сезонава. Финалистите на Еврокупот добиваат право во следната сезона да настапат во најсилното европско кошаркарско натпреварување, Евролигата
КОШАРКА – ЕВРОКУП
Париз, за кој настапува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, ја забележа и втората победа во меѓусебните дуели со Лондон во кошаркарскиот Еврокуп сезонава, овој пат дома, со 94-77. Во претходното коло Париз го обезбеди настапот во плејофот, а со новата победа се доближи на две победи до обезбедување директен пласман во четврт-финалето.
Според пропозициите на натпреварувањето, двете најдобри екипи од двете групи по 18 кола ќе играат во четврт-финалето, а по четири други тимови од двете групи прво ќе настапат во осминафиналето.
Париз сега има 12 победи и еден пораз и води во групата А и со уште две победи во следните пет кола ќе го обезбеди местото меѓу осумте најдобри во ова натпреварување за сезонава. Во групата Б води уште еден тим од Франција, Бург, со 11 победи и два пораза. Финалистите на Еврокупот добиваат право во следната сезона да настапат во најсилното европско кошаркарско натпреварување, Евролигата.
Шортс во победата на дуелот со Лондон, кој беше и меч на двете екипи со најдобар напад сезонава во Еврокупот, забележа 13 поени, четири асистенции, три скока, една украдена топка… Македонскиот репрезентативец и понатаму е меѓу водечките во неколку статистички категории во Еврокупот сезонава, па, така, прв е според просеците на асистенции и погодени поени за два по натпревар, трет е според вкупниот просек на индекс-поени, а петти според просекот поени и според украдените топки по меч. Н.М.