Во најсилната конкуренција на континенталниот шампионат в година ќе настапат Македонија и Чешка, кои синоќа играа во финалето на ЕП, дивизија Б, како и победникот од мечот за третото место, помеѓу Украина и Шведска

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ДИВИЗИЈА Б, ВО СКОПЈЕ, ЗА КОШАРКАРИ ДО 20 ГОДИНИ

Македонската репрезентација за кошаркари до 20 години се пласира во дивизијата А, откако синоќа играше во финалето на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Скопје, со селекцијата на Чешка. Македонија дојде до пласманот во дивизијата А, меѓу 16 селекции, кои се најдобри во категоријата до 20 години, со победата во полуфиналето со Украина, со 66-53.
Резарт Мемед беше најефикасен на дуелот со Украина, постигна 24 поени, Амар Хот имаше 12 поени, 11 скока и четири асистенции, Теодор Симиќ забележа осум поени и 11 скока… Чешка во полуфиналето ја победи Шведска со 94-74. Синоќа за третото место, кое, исто така, носи пласман во дивизијата А, играа селекциите на Украина и на Шведска. Македонија и Чешка играа меѓу себе во групната фаза на годинашниот шампионат.
На континенталното првенство во дивизијата А во оваа младинска категорија, што се игра во Грција, во финалето синоќа играа репрезентациите на Израел и на Франција. Во дивизијата Б ќе играат последните три репрезентации од шампионатот од дивизијата А, Полска, Естонија и поразениот од синоќешниот дуел Црна Гора – Хрватска.
Европските првенства, дивизии А и Б, во оваа возрасна категорија се играат секоја година.
Македонската репрезентација за кошаркари до 20 години во дивизијата А била 11-та во 2000 година и 15-та во 2007 година. Во категоријата до 18 години Македонија во дивизијата А играше лани, а селекцијата до 16 години во најсилната дивизија настапила шест пати (седмиот ќе биде во август, на ЕП во Скопје), со најдобри пласмани четврто место во 1995 година, шесто во 1999-та, седмо во 2003 година… Н.М.