Фото: ЕПА

КОШАРКА – ДЕНВЕР Е НОВ ПРВАК НА НБА-ЛИГАТА

Јокиќ е прогласен за најкорисен играч (МВП) на финалната серија, тој е и првиот центар што по повеќе од две децении го доби тоа признание и е првиот играч што бил најдобар стрелец, скокач и асистент во плејофот

Кошаркарите на Денвер стигнаа до својата прва шампионска титула во НБА-лигата, откако победија на свој терен во петтиот меѓусебен натпревар со Мајами, со 94-89, и со вкупен резултат 4-1 во победи го освоија шампионскиот прстен. Денвер беше предводен од двојниот најкорисен играч (МВП) во регуларниот дел на лигата во претходните две сезони, Никола Јокиќ, кој на овој меч оствари 28 поени, 16 скока и четири асистенции. Мајкл Портер имаше 16 коша и 13 скока, а Џамал Мареј уфрли 14 поени, со осум асистенции.

– Целата напорна работа, сите жртви, целата посветеност, сето тоа кулминира со освојување на оваа титула. Но не се задоволуваме со една, сакаме повеќе, имаме уште многу млади и талентирани играчи во соблекувалната. Во 16-те победи во плејофот покажавме сѐ за што сме способни на најголемата кошаркарска сцена во светот – рече тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун.

Јокиќ беше прогласен за МВП на финалната серија, а ова признание наречено по славниот кошаркар Бил Расел, му го предаде Комесарот на лигата, Адам Силвер. Тој е наедно и првиот центар по повеќе од две децении што е МВП на финалната серија, а пред него тоа го направи Шекил О’Нил во 2002 година. Ќе остане забележано и тоа дека Јокиќ е првиот играч во историјата на НБА што бил и најдобар стрелец (600), најдобар скокач (269) и имал најмногу асистенции (190) во плејофот.
Вкупно 21 клуб досега освоиле најмалку по една титула, а најмногу имаат Бостон и Лос Анџелес лејкерс, по 17.


Многу славни имиња се без шампионскиот прстен

Многу славни кошаркарски имиња што оставиле траен печат на терените во НБА-лигата останале без шампионски трофеј. Елгин Бејлор, поранешниот прв избор на драфтот, кој играл во Минеаполис и за Лос Анџелес лејкерс од 1958 до 1972 година, имал осум НБА-финалиња, а на олстар-дуелите се појавил 11 пати. Карл Мелоун, легендата на Јута, во својата 19-годишна кариера 14 пати бил дел од олстар-викендите, а двапати беше избран за МВП на лигата. Тој и неговиот соиграч Џон Стоктон, најдобриот асистент и „крадец“ на топки во лигата, не можеле да го совладаат Чикаго. Чарлс Баркли, кој еднаш бил МВП на лигата, 11 пати играл на олстар-дуелите, има два олимписки медала, но само еднаш стигнал до финалето во НБА-лигата и го загубил. Ален Ајверсон, еден од најдобрите стрелци во историјата на најсилната лига, еднаш МВП, 11 пати учесник на олстар-викендите, кој две сезони играл за Денвер, еднаш стигнал до финалето, а загубил од Лејкерс. Патрик Јуинг, еден од најдобрите центри во лигата на сите времиња, двапати стигнал до финалето со Њујорк, но загубил од Хјустон, односно од Сан Антонио. Играл и 11 пати на олстар-средбите, има две олимписки злата. Реџи Милер, еден од најдобрите НБА-шутери на сите времиња, целата кариера ја помина во Индијана и бил финалист во 2000 година, во дуел со ЛА лејкерс. Милер е еден од ретките играчи што во кариерата има постигнато 25.000 поени, 4.000 скока, 4.000 асистенции и 1.500 украдени топки, но нема шампионска титула. Меѓу другите имиња се и Дикембе Мутомбо, кој двапати бил финалист, еден од најдобрите канадски кошаркари Стив Неш, Џејмс Харден, Расел Вестбрук, Доминик Вилкинс, Трејси Мекгрејди, Кармело Ентони, Крис Пол и многу други. Г.И.