Македонија, која настапи во подмладен состав со тројца дебитанти, без неколку стандардни носители на играта и во отсуство на селекторот Бајиќ, загуби од Грузија со 70-91. Реваншот е утре во Скопје

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската кошаркарска репрезентација, утре (20 часот), во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, ќе го одигра возвратниот дуел со Грузија, во 4-то коло во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година. Влезниците се продаваат онлајн, по цена од 100 денари. Мечот е можност црвено-жолтите да ја впишат првата победа во групата Г и да им се реваншираат на Грузијците за поразот во Тбилиси. Македонија, која настапи во подмладен состав со тројца дебитанти, без неколку стандардни носители на играта и со отсуство на селекторот Драган Бајиќ, кој поради позитивен тест на ковид-19 остана во Скопје, загуби од Грузија со 70-91 (18-24, 13-22, 16-22, 23-23). За Грузија не настапи капитенот Урнике Шенгелија. Во вториот меч од оваа група, светскиот првак Шпанија дома ја победи Украина со 88-74. Шпанија е прва со шест бода, потоа се Грузија со пет, Украина со четири и Македонија со три бода. Во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.
– Грузија има одлични, искусни кошаркари што не успеавме да ги спречиме. Имавме добра енергија во текот на мечот, но тие се премногу квалитетни за овој наш млад тим. Шестмина од нашите кошаркари претходно немаа ни една одиграна минута за репрезентацијата, а четворица се првпат во националниот состав. И кога на тоа ќе се додадат повредите на неколку играчи и отсуството на Бајиќ, сметам дека имаше ситуации од кои можеме да бидеме задоволни – изјави Александар Јончевски, помошникот на селекторот Бајиќ.
Кај Македонија најефикасни беа Дамјан Стојановски со 15 и Дамјан Робев со 13 коша, а кај Грузија Тадус Мекфаден со 26 и Гиорги Шермадини со 20 поени.
– Противникот почна многу агресивно, а ние немавме одговор на таа одбрана. Во исто време лесно излегуваа накрај со нашата одбрана и тоа резултира со голем број лесни поени. Сепак, кога сѐ ќе се земе предвид, покажавме добра енергија. Жалам што на ниту еден од досегашните натпревари не бевме комплетни, оти имаме одлични кошаркари што можат да ја водат нашата репрезентација – рече репрезентативецот Бојан Крстевски.


ГРУПА Г

Грузија – Македонија 91-70
Шпанија – Украина 88-74

ТАБЕЛА
Шпанија 3 3 0 6
Грузија 3 2 1 5
Украина 3 1 2 4
Македонија 3 0 0 3

Идно коло: Македонија – Грузија (утре, 20 ч.), Украина – Шпанија (одложено).