КОШАРКА – НБА

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс славеа на гости на мечот со Сан Антонио со 143-138 (33-34, 37-34, 36-29, 37-41), во меч во НБА-лигата, во кој беа уфрлени вкупно 281 поен. Домаќинот во последниот дел постигна 41 поен, а гостинот решавачката предност ја направи во третата четвртина.
Притоа најдобриот кошаркар на „езерџиите“, ветеранот Леброн Џејмс (37), постигна рекордни седум тројки сезонава, за вкупно 39 коша. Со овој триумф, кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс полека се соземаат по петте порази во период од седум дена.
Џејмс одигра најдобро кога беше најважно, постигнувајќи 16 поени во третата и во последната четвртина, притоа додавајќи уште 11 скока. Тој уфрли 12 од 15-те поени на Лејкерси во период од две и пол минути во последната четвртина и почна серија од 7-0, што можеби ја направи и клучната разлика, оти домашниот состав до крајот на натпреварот не успеа да ја надмине негативата од пет поени.
Во Западната конференција, Лос Анџелес лејкерс моментно е на 13-то место од 15 екипи со резултат од седум победи и 11 порази од 18 средби, додека води Феникс со 13 победи и шест порази од 19 меча. Во Источната конференција, пак, води Бостон со 15 победи и четири порази од 19 одиграни натпревари.
Во другите средби играни вчера наутро, Торонто го победи Далас (105-100), Хјустон беше подобар од Оклахома (118-105), а Феникс со еден поен предност (113-112) славеше против Јута. Г.И.