Орце Данчевски

Според списокот на добиени шахисти, од Македонија, Словенија и од Грција ќе настапат најсилните шахисти во оваа категорија со играчки рејтинг од над 2.300 и над 2.400 поени, што само по себе доволно говори за квалитетот на оваа Балканијада, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

ШАХ

Македонија од 8 до 11 декември, во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а со поддршка од Светската шаховска федерација (ФИДЕ), ќе биде домаќин на Балканското екипно првенство за млади во возрасната категорија до 18 години, на Попова Шапка. Ќе се игра со стандардно време за размислување на четири табли со една резерва до 14 години, која може да биде и шахистка, а колку кола ќе се играат, ќе зависи од бројот на пријавените селекции.
– Оваа е моментно најдоброто од Македонија во оваа категорија шахисти. Бидејќи сакавме да имаме и една шахистка, а условот го дозволува тоа до 14 години, се одлучив за репрезентативката Моника Жежовска. Ако бројот на репрезентациите биде непарен, тогаш ќе имаме уште една македонска селекција. Но тоа зависи од бројот на пријавени селекции, кој наскоро и дефинитивно ќе го дознаеме – вели интернационалниот мајстор (ИМ) и селектор на Македонија на ова Балканско првенство, Орце Данчевски.
По повеќе години, Балканијадата се враќа во натпреварувачка форма со поддршка на ФИДЕ. Данчевски го врзуваат убави спомени со ваквите натпреварувања.
– Добро е што повторно се играат балканијадите, а за мене има многу значајно место, оти како член на поранешната репрезентација на СФР Југославија во 1989 година во Каштел Стари крај Сплит станавме балкански прваци, а јас тогаш, како ФИДЕ-мајстор, играв на четвртата табла. Покрај мене во репрезентацијата беа уште Црногорците Ѓорѓије Контиќ и Драган Косиќ, Хрватот Младен Палац и резервната табла Срѓан Панзаловиќ. Токму поради овој успех и се определив за шахот како животна професија – вели Данчевски.
На Балканијадата се очекува да настапат силни шахисти.
– Според списокот на добиени шахисти, од Македонија, Словенија и од Грција ќе настапат најсилните шахисти во оваа категорија со играчки рејтинг од над 2.300 и над 2.400 поени, што само по себе доволно говори за квалитетот на оваа Балканијада – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Ова е само уште едно од низата признанија што ги доби Македонија како организатор на меѓународна шаховска манифестација, како што беа во минатото Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година, турнирите „Средба на солидарноста“, поединечното Европско првенство (ЕП) во 2001 и во 2019 година, ЕКК во Охрид пред 13 години, во Скопје во 2015 и во Струга 2021 година. Македонија беше домаќин на уште два големи шаховски настани, на 31. ЕП во забрзан и во брз шах во Скопје, како и Светското првенство (СП) во решавање и компонирање шаховски проблеми во Охрид, двете во 2018 година. Во Скопје во минатото се одржаа и 12-от двомеч СФРЈ – СССР (1969) во Скопје, првиот меѓузонски турнир за жени (1971) во Охрид, 15-от двомеч СФРЈ – СССР (1972) во Охрид, 43-от Конгрес на ФИДЕ (1972) во Скопје, 16-та Балканијада за мажи, жени и за младинци (1984) во Струга, како и сениорската Балканијада во Скопје, а од 1984 година во Скопје почна да се одржува и традиционалниот „Опен Скопје“. Г.И.


СОСТАВ

ШАХИСТ                                 РЕЈТИНГ
ФМ Емил Ристески                  2.371
ФМ Андреј Велјаноски            2.317
Леонид Петрески                    2.122
Антон Златков                        2.107
Моника Жежовска                  1.654

Селектор: ИМ Орце Данчевски