Гешоски беше еден од носителите на играта на Работнички, а потоа и на МЗТ Скопје. Настапуваше и за репрезентацијата на Југославија со која ги освои вторите места на Универзијадата во Мексико и на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година
Стеван Гешоски
Кошаркарскиот клуб Работнички во својата богата историја имаше многу кошаркари што се вивнаа и на светската сцена и освоија трофеи на големите приредби. Еден од најуспешните беше покојниот Благоја Георгиевски-Буштур, кој покрај медалите од Медитеранските игри и европско првенство, беше освојувач и на сребрениот олимписки медал во Монтреал во 1976 година. Пред него во составот на поранешната држава настапуваа, за младинската, повремено и за сениорската репрезентација, уште Боцевски, Радосављевиќ, Андоновски, за по нив во „синиот“ дрес да заигра и Стеван Гешоски.
– Бев многу горд кога стигна првиот повик од селекторот да играм за сениорската репрезентација. И не само тоа што бев горд туку и со неверување ја примив веста оти сум повикан да ги бранам боите на поранешна Југославија на меѓународните натпревари – беа зборовите на Гешоски во тоа време, кога навистина, поради силната конкуренција беше тешко да се облече националниот дрес.
Влегувај во игра и одглуми нешто
На љубителите на кошарката добро им е познато оти Лазар Лечиќ, кој практично ги постави темелите на модерната кошарка во Македонија, кон средината на 60-тите години на минатиот век беше вистински ловец на таленти. Тој имаше неверојатна моќ да оцени кој од плејадата млади играчи, кои почнуваа да се занимаваат со кошарката, може да напредува, а кој има лимитирани можности.
– Уште кога го видов Гешо почувствував дека кај него има нешто посебно, дека има чувство за игра, а она што ме импресионираше во тие први моменти беше неговата леснотија со која се движеше на кошаркарскиот терен. Имаше меки и прецизни додавања, а и шутот му беше елегантен и прецизен. Тој знаеше да се извлече во секоја ситуација, дури и тогаш кога ќе беше опкружен од противничките играчи, наоѓаше решение да ги надмудри. Навистина бев одушевен и веднаш го вклучив во тренинзите со сениорската екипа. Можеби и тој самиот беше изненаден, но знаев дека ќе успее – вели од оваа временска дистанца сеќавајќи се на почетокот од 70-тите години, легендарниот тренер Лечиќ.
Лазо подоцна знаеше во шега да каже „како може да не се снајде на теренот, кога од искуството на своите родители Нада и Димитар, кои беа извонредни глумци, знаеше и кога беше во пат-позиција мајсторски да одглуми и да ги надигра противничките играчи“.
– Навистина така беше. Лечиќ, кој имаше голема верба во мене уште на 19 години ме уфрли да „горам“ во прволигашките мечеви. Ме форсираше и кога настапувавме на меѓународната сцена, па се сеќавам кога на средбата за европскиот куп на националните куп-победници, против Аспо во Тур (Франција), дојде еден период на криза. Домашните го искористија тоа и создадоа солидна предност. Тогаш Лазо дојде кај мене и ми рече, ајде мали подготви се влегуваш во игра, ама гледај нешто како татко ти и мајка ти да одглумиш, па белки ќе ни тргне. Ова нема никогаш да го заборавам. Не ни тргна многу, но, сепак, не дозволивме противникот да ја зголемува разликата и да создаде недостижна предност за реваншот во Скопје. На крајот Аспо победи со 17 поени разлика, кои пред реваншот изгледаа застрашувачки, дури мислевме оти многу тешко ќе може да ја дополниме разликата. Но, не беше така, иако тешко, машки одигравме и овој пат без мојата „глума“, но со еден страшен притисок не само на теренот туку и од трибините го сторивме она невозможното, победивме со 18 коша разлика, токму толку колку што ни требаше, па ние се пласиравме во полуфиналето на европскиот Куп. Тука, пак, на неспортски начин бевме елиминирани од Чинцано од Милано. Во реваншот иако отидовме со предност од Скопје, во Милано нашите најдобри играчи Георгиевски и Радосављевиќ, по ручекот не се чувствуваа најдобро, па Буштур не можеше ниту да стои и остана во хотелот, а Драган со крајни напори се обиде да му помогне на тимот, но и тој не се чувствуваше најдобро и крена раце – вели Гешо.
По цел ден во дворот на Влатко
Интересни се почетоците на Гешоски во кошарката. Тој беше сосед со Влатко Стефановски, лидерот на популарната група „Леб и сол“, и со Бодан Арсовски, па нормално беше со блиските соседи во населбата Тафталиџе секојдневно да се дружат и да изнаоѓаат најразлични начини да го збогатат денот во тие младешки години. Така, со оглед на фактот што кошарката стана многу популарна во тој период кога југословенската репрезентација сериозно зачекори на сцената, а Работнички им стана непријатен ривал, особено пред своите гледачи, дури и на најсилните југословенски екипи, маалската „тројка“ Влатко, Бодан и Стеван за да не остане покусо од своите врсници од другите маала направи еден импровизиран кош и го закачи на ѕидот на гаражата во дворот на Влатко.
– Секој миг од слободното време го поминувавме таму, играјќи баскет или, пак, шутирајќи кон кошот. Честопати доаѓав и кога немав друштво и постојано шутирав во кошот, можеби и по илјада пати во текот на денот – го опишува тоа време Гешо.
Меѓутоа, сеќавајќи се на тоа време, Гешо не заборави да спомене оти и неговата мајка Нада на млади години играла ракомет. Тоа не ме зачуди, зашто ракометот, особено оној големиот што се играше на фудбалскиот терен, за младите беше интересен и привлечен, па некако како нешто нормално го примив кажувањето на Гешо оти мајка му го практикувала овој спорт.
– За да се совпаднат сите работи и во училиштето, благодарејќи на мојот професор по физичко воспитување Круме Трајковски, кој беше еден извонреден педагог и по вокација ракометар, ние му обрнувавме поголемо внимание на овој спорт. Но, од друга страна, бидејќи кошот закачен на ѕидот на гаражата на Влатко ми беше тука, што би се рекло под нос, сепак бев поблизок до кошарката. Ова го забележа и професорот Трајковски, кој еден ден ми рече, ако толку си загреан за овој спорт зошто не одиш во некој од клубовите, па и тој самиот ме препорача во Работнички. Од тие моменти почна мојот вистински кошаркарски живот – вели тој.
Со 19 години во првиот тим
Гешоски веднаш се проби во првата петорка на младинскиот тим на Работнички, чиј тренер беше Стерули Андоновски-Дули. Во тогашната генерација, покрај Гешо се истакнуваа уште Радуловиќ, Саздов и Стојковиќ, кои полека го отвораа патот кон првиот тим. Со оглед на тоа што Работнички финансиски не беше толку моќен за да купува квалитетни играчи однадвор, клубот се потпираше на сопствените сили. Оние помладите што отскокнуваа во својата возрасна категорија беа преквалификувани во првиот тим и ја чекаа својата шанса. Меѓу оние што го свртеа вниманието кон себе беше и Стеван Гешоски, кој уште на 19-годишна возраст доби шанса да заигра за првиот тим.
– Во почетокот не добивав некоја голема минутажа, но и таа што ја добивав беше доволна за еден млад играч. Првпат почувствував дека навистина вредам, кога Лечиќ ме уфрли во игра со зборовите „влегувај и гледај нешто да одглумиш“ алудирајќи на моите родители. Тоа веќе го споменав, влегов против Аспо во европскиот куп, и тоа на гостински терен во Тур, и постигнав шест поени, а имав и неколку асистенции, што за еден новопечен првотимец мислам оти беше доволно. Од тие моменти стандардно влегував во протоколите за мечевите, а тоа колку ќе одиграв зависеше од развојот на настаните на теренот. Во секој случај со минутажата бев задоволен, а ме радуваше и фактот што таа од меч на меч постојано се зголемуваше. Тоа веќе говореше оти ја имам стекнато довербата кај Лечиќ и сѐ подолго останував на паркетот – вели Гешоски.
Стеван Гешоски набрзо стана кошаркар што го привлече вниманието на јавноста, а тренерите на противничките екипи почнаа да ја кројат тактиката и според тоа дали е тој во игра. Експресно брзо напредуваше, а тоа беше и повод да биде земен во репрезентацијата на поранешната држава. За тоа како течеа клупската и репрезентативната кариера на еден од најдобрите македонски кошаркарски бекови ќе читате идната недела.
Стеван Гешоски
Роден: во 1956 година во Прилеп
Кариера: Работнички, МЗТ Скопје, сениорска репрезентација на Југославија
Успеси: Неколку години стандарден играч на Работнички во Првата лига, во сезоната 1985/86 влегување во Првата лига со МЗТ, со репрезентацијата на Југославија освоени сребрени медали на Универзијадата во Мексико и на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година, настапи на многу турнири, меѓу кои и на Спартакијадата во Москва