Натпреварот со Норвешка е утре, а в недела со Данска, и дватa ќе се играат во Гевгелија
КОШАРКА – МАКЕДОНИЈА НЕДЕЛАВА ИГРА ДВА НОВИ МЕЧА НА ПАТОТ КОН ЕП 2025
Машката сениорска репрезентација на Македонија во понеделникот, во Гевгелија, ги почна подготовките за натпреварите со Норвешка утре и со Данска в недела, во ноемврискиот претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Селекторот Александар Јончевски имаше проблеми околу формирањето на конечната листа кандидати, на која првично беа 14 кошаркари. Во последен момент за двата дуела поради повреда отпадна бекот Кристијан Николов.
– И пред почетокот на претквалификациите во плановите беше освојување на првото место оти единствено тоа води во следната фаза. Почнавме со две победи и си ја олеснивме работата со оглед на тоа што играме на домашен терен против Норвешка, која, исто така, има две победи, и тоа со голема кош-разлика. Верувам дека овој натпревар е одлучувачки, не дека немаме шанса за поправен, но треба да го искористиме домашниот терен и потоа да ја потврдиме победата против Данска – вели Јончевски.
Првопласираната селекција во секоја од трите групи ќе игра директно во квалификациите, другите репрезентации ќе играат во нов круг претквалификации, во кој ќе настапат 12 селекции, а четири најдобри ќе се пласираат во квалификациите. Во случај на ист број бодови решава меѓусебниот резултат.
Во салата „26 Април“, каде што ќе се играат дуелите со двете скандинавски селекции, „црвено-жолтите“ треба да одработат седум тренинзи. На овие две значајни средби се очекува и деби на новиот репрезентативец, Ти Џеј Шортс.
– Пресреќен сум за можноста што ќе играм за Македонија и сигурен сум дека ќе дадам сѐ од себе за да ја оправдам довербата. Пред нас се исклучително тешки мечеви со Норвешка и со Данска, и верувам дека ќе одиграм најдобро што можам за да дојдеме до посакуваните победи. Од мене се очекува добро да ја организирам играта, да постигнам што повеќе кошеви, но и да придонесам да се крене натпреварувачкиот дух во репрезентацијата – вели Шортс, член на германскиот бундеслигаш Телеком Бон и најефикасен играч во тоа првенство. Г.И.
ГРУПА Д
Словачка – Данска утре, 18 ч.
Македонија – Норвешка утре, 19 ч.
ТАБЕЛА
Норвешка 2 2 0 4
Македонија 2 2 0 4
Словачка 2 0 2 2
Данска 2 0 2 2
СОСТАВ
Бобан Стајиќ (Пелистер)
Андреј Магдевски (МЗТ Скопје)
Војдан Стојановски (МЗТ Скопје)
Адем Мекиќ (МЗТ Скопје)
Дамјан Робев (МЗТ Скопје)
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје)
Виктор Ефремовски (Гостивар)
Андреј Маслинко (Гостивар)
Страхил Николов (ТФТ)
Амар Хот (Феникс 2010)
Стојан Ѓуроски (Оуренсе, Шпанија)
Теодор Симиќ (Борац, БиХ)
Ти Џеј Шортс (Телеком Бон, Германија)