Тој им се приклучи на 14-те кошаркари што најмалку двапати ја добиле наградата за најкорисен играч (МВП) во минатите 75 години од формирањето на НБА. Само Расел, Чембрлен и Бирд трипати по ред ја добиле таа награда

КОШАРКА – НБА

Никола Јокиќ, центарот на Денвер, втора година по ред е избран за најкорисен играч (МВП) во регуларниот дел од сезоната во кошаркарската НБА-лига, во која имаше ефект од 27,1 поени, 13,8 скока, 7,9 асистенции и 1,5 украдена топка по натпревар. Тој доби повеќе гласови од центрите на Филаделфија, Џоел Ембид, и на Милвоки, Јанис Адетокумпо, со што му се приклучи на елитното друштво од 14 кошаркари што најмалку двапати го добиле признанието МВП во минатите 75 години од формирањето на НБА. Сите тие веќе се во „Куќа на славните“ или се на најдобар пат да се најдат таму по завршувањето на играчките денови. Следната сезона Јокиќ ќе има шанса да испише нова историја. Тој е меѓу 13-те играчи што имаат две последователни МВП-награди, а само тројца од нив освоиле три по ред. Во продолжение ви ги претставуваме другите играчи со најмалку две награди МВП.
Карим Абдул-Џабар (1971, 1972, 1974, 1976, 1977 и 1980 година) по три признанија освои со Милвоки и со ЛА лејкерс. Легендарниот центар е и водечки стрелец на сите времиња во лигата. Бил Расел (1958, 1961, 1962, 1963 и 1965) стана првиот кошаркар со три награди МВП во низа. Во тие сезони тој со Бостон трипати победуваше во финалето, а освои 11 титули. Мајкл Џордан (1988, 1991, 1992, 1996 и 1998) со Чикаго освои шест титули. Првото МВП-признание го доби по само четири сезони во НБА, кога имаше 35 поени, 5,9 асистенции, 5,5 скока и 3,2 украдени топки по меч.
Вилт Чембрлен (1960, 1966, 1967 и 1968) беше вториот играч со три МВП-признанија во низа. Да не играше Расел во неговото време, Чембрлен сигурно ќе беше уште повисоко на оваа листа. Леброн Џејмс (2009, 2010, 2012 и 2013) освои четири награди за пет години. И покрај тоа што ги предводеше Кливленд и ЛА лејкерс до титулите, тој не ја освои наградата по настапите за Мајами.

Мозес Мелоун (1979, 1982 и 1983) првите две награди ги доби како играч на Хјустон, а третата во првата сезона со Филаделфија, која ја освои титулата во 1983 година. Лери Бирд (1984, 1985 и 1986) е последниот кошаркар со три МВП-признанија по ред, во периодот кога Бостон освои две титули. Ирвин Меџик Џонсон (1987, 1989 и 1990) трипати беше МВП, но не и трипати по ред кога ЛА лејкерс беше првак, од 1987 до 1989 година.
Боб Петит (1956 и 1959) играше за Милвоки и за Сент Луис и е прв МВП и прв двократен освојувач на наградата. Карл Мелоун (1997 и 1999) се менуваше со Џордан од 1996 до 1999 година, но Чикаго ја победи Јута на Мелоун во две финалиња по ред, во 1997 и 1998 година. Тим Данкан (2002 и 2003) беше првиот од петте кошаркари што освоија повеќе МВП награди во 21 век. Стив Неш (2005 и 2006), и покрај тоа што во двете сезони имаше најмалку постигнати поени кога станува збор за МВП, од Вес Унселд во 1969 година, имаше најмногу асистенции во тие две сезони. Стеф Кари (2015 и 2016) првото признание го доби при првата титула со Голден стејт, а второто беше уште поимпресивно, кога го предводеше тимот до невиден скор во регуларниот дел од сезоната, 73-9 (победи и порази), и кога стана првиот едногласно избран МВП во лигата. Јанис Адетокумпо (2019 и 2020) беше двократен МВП на 25-годишна возраст и ја освои титулата во 2021 година со Милвоки, прва по 50 години.