КОШАРКА
Кошаркарската НБА-лига направи измена на правилото за „прекршок во транзиција“, а донесе одлука и за начинот на влез во плејофот од идната сезона. Според измената, при прекршок врз играч чиј тим тргнува во контранапад (прекршок во кој дефанзивецот не игра на топката) тимот ќе добие едно слободно фрлање (може да го шутира секој од играчите на паркетот) и нов напад. Досега за ваков прекршок се добиваше посед или две слободни фрлања. Во последните две минути од четвртата четвртина и последните две минути од секое продолжение, доделувањето едно слободно фрлање и нов напад нема да се применува, а правилото нема да се примени и доколку офанзивниот играч е фаулиран при шут, пишува НБА.
НБА-лигата изгласа постојано да се игра плејин-турнир (квалификации за влез во плејофот), кој почна како проба по сезоната 2020/2021. На плејин-турнирот ќе играат тимовите што се од седмото до 10-то место во секоја конференција и ќе играат за вкупно четири места во плејофот (по две од секоја конференција).
Адам Силвер, комесарот на НБА, рече и дека лигата надминала 10 милијарди долари приход за сезоната 2021/2022, што е рекорд за НБА, како и тоа дека влезниците за секој натпревар од плејофот годинава биле распродадени, пишува НБА на својата интернет-страница.