Македонскиот репрезентативец Шортс беше убедливо најдобар играч во ЛШ, добивајќи две признанија, за МВП на сезоната, а во финалето против Хапоел Ерусалим беше прогласен и за МВП на завршниот турнир во Малага
КОШАРКА – ЗАВРШИ ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ НА ФИБА
Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс со германскиот клуб Бон Телеком триумфира во годинашнава кошаркарска Лига на шампионите (ЛШ), откако во големото финале на завршниот фајналфор-турнир одржан во Малага (Шпанија) го победија израелскиот претставник Хапоел Ерусалим со 77-70, кој, пак, беше предводен од поранешниот селектор на македонската репрезентација, српскиот стручњак Александар Џикиќ. За 28 минути минати на теренот, Шортс постигна 29 поени, а придодаде уште еден скок и три асистенции.
Притоа Шортс, американски кошаркар со македонски пасош, беше убедливо најдобар играч во годинашната ЛШ добивајќи две признанија, едно за МВП на сезоната, а во финалниот дуел против Хапоел Ерусалим беше прогласен и за МВП на завршниот фајналфор-турнир во Малага, што, секако, претставува голем успех.
За германскиот претставник, кој постои од 1992 година, ова е прв меѓународен трофеј во клупската историја на кое било ниво, а до овој успех во ЛШ претрпи само два пораза, и тоа еден во првото коло и еден во плејоф-серијата од француски Стразбур. Телеком Бон е истовремено и прв германски клуб што успеал да го освои овој престижен трофеј, додека Тенерифе и Бургос имаат по два трофеја, а АЕК и Виртус славеле по еднаш во седмото издание на ЛШ.
Во полуфиналето на фајналфорот, Бон Телеком минимално со 69-67 го победи домаќинот Уникаха (Шортс беше најефикасен на мечот со 21 кош, еден скок и седум асистенции), додека Хапоел Ерусалим беше подобар за еден кош од шпанскиот претставник Тенерифе (69-68). Во натпреварот за третото место, пак, Тенерифе славеше со 84-79 против Уникаха. Г.И.