Фото: ЕПА

Најдобриот стрелец во историјата на лигата покажува изненадувачки малку знаци на опаѓање во однос на неговиот неизмерен стандард на перформанси (лани имаше просек од 28,9 поени, 8,3 скока и 6,8 асистенции по меч), пишува АП. Џејмс е шестиот играч во историјата на НБА што успеал да влезе во 21-та сезона. Новата сезона на лигата почнува утре рано наутро, со дуелите на првакот Денвер со ЛА лејкерс и на Голден стејт со Феникс

КОШАРКА

Леброн Џејмс е веќе дефинирачка фигура на оваа кошаркарска ера со својата сила, вештини, памет и немилосрдна волја за победа, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Суперѕвездата на Лос Анџелес лејкерс изгледа решена да редефинира колку долго еден елитен кошаркар може да остане на врвот. Новата сезона на НБА-лигата почнува утре рано наутро, со дуелите на првакот Денвер со ЛА лејкерс и на Голден стејт со Феникс. Џејмс (38) ја почнува својата 21. сезона, но, сепак, најдобриот стрелец во историјата на НБА покажува изненадувачки малку знаци на опаѓање во однос на неговиот неизмерен стандард на перформанси, пишува АП. Статистички плодната кариера на Џејмс не опаѓа на некој значаен начин цели две децении. Џејмс вели дека може да ги почувствува годините. За сите други, тие е речиси невозможно да се видат.
– Се чувствувам поинаку. Јас не сум 21-годишен, тоа е сигурно. Се чувствувам малку поинаку кога станувам од кревет секој ден. Но што се однесува до нивото на енергијата, се чувствувам мошне добро – рече Џејмс.
Од Том Брејди до Кели Слејтер, современите спортисти ги преработија традиционалните насоки околу возраста и падот во играта во 21 век. Џејмс прави оваа невидена долговечност во НБА да изгледа релативно лесно. Тој вели дека не знае колку долго сака да игра и признава дека многу размислувал да замине по минатата сезона, пред да одлучи да се врати во Лејкерс, па дури и да се подготвува за Летните олимписки игри. Џејмс е шестиот во историјата на НБА што успеал да влезе во 21-та сезона, но никој никогаш не играл толку години на моментното ниво на перформанси на Џејмс, со забелешка дека тој влезе во лигата директно од средно училиште и таа разлика му дава повеќе сезони на помлада возраст, но и повеќе абење на неговото тело од конкуренцијата со други возрасни кошаркари.

Јасно е и тоа дека никој не останал толку добар и толку долго како Леброн, кој лани имаше просек од 28,9 поени, 8,3 скока и 6,8 асистенции по меч. Другите пет играчи што достигнаа 21 сезона се Роберт Периш, Кевин Вилис, Дирк Новицки, Винс Картер и Кевин Гарнет. Само Картер играше и во 22-та сезона. Иако Џејмс има голема работна етика, тој наведува и посеопфатни причини за неговата способност да продолжи во спортот што бара младешки атлетизам сега повеќе од кога било.
– Да се остане фокусиран и да се биде страсен за чистотата на играта. Разбирање на оние што дојдоа пред мене, почитување на историјата на играта, а и разбирање дека ако сакате да бидете одлични во нешто, треба да вложите труд. Нема замена за работата. Вложив работа на теренот и надвор од него – рече Џејмс
Само повредите значително го забавија Џејмс на крајот на неговата втора деценија во кошарката. Тој пропушти 80 меча во претходните три сезони, пролетва беше повреден, но, сепак, ја продолжи неверојатната низа од 282 плејоф-дуели без отсуство. Играч што направил сѐ и освоил сѐ може да се бори за мотивација, но Џејмс секогаш има нови светови за освојување. Откако го надмина рекордот на Карим Абдул-Џабар за најмногу поени во кариерата, Џејмс ја почнува сезонава со само 549 минути од надминување на рекордот на Абдул-Џабар за најмногу одиграни минути во НБА, пишува АП. Џејмс може да стане и првиот што постигнал 40.000 поени. На прашањето што уште го инспирира, Џејмс веднаш ги спомнува неговите три деца, а шансата да го тренира тимот на Брајс Џејмс летово повторно ја разгоре неговата страст за играта по бурниот крај на сезоната на Лејкерс, пишува АП.
– Само имав разговори со моето семејство, разговори со себе. Се чувствувам како да имам многу повеќе во резервоарот – рече Џејмс. Н.М.