Њујорк и Голден стејт годинава ја надминаа бариерата од шест милијарди долари во кошаркарската НБА-лига, а повеќе од таа сума вредат и Далас каубојс (американски фудбал) и Њујорк јенкис (бејзбол), и тие го сочинуваат квартетот единствени клубови во светот со вредност од најмалку шест милијарди долари, пишува „Спортико“
Првпат во историјата на кошаркарската НБА-лига два клуба вредат повеќе од шест милијарди долари. Според „Спортико“, кој пишува за бизнисот во спортот, станува збор за Њујорк (6,12 милијарди долари) и за Голден стејт (6,03 милијарди долари).
Неприкосновените во НФЛ-лигата (американски фудбал) и МЛБ (бејзбол), Далас каубојс (6,9 милијарди), односно Њујорк јенкис (6,75 милијарди долари), и двете НБА-екипи, сега го сочинуваат квартетот единствени клубови во светот со вредност од најмалку шест милијарди долари, пишува „Спортико“.
Вредноста на Њујорк се зголеми за 13 отсто за само една година (претходно изнесуваше 5,42 милијарди долари). Причина за овој брз скок, меѓу другото, е првото влегување во плејофот по 2013 година, што доведе до покачување на цената на влезниците, првпат по седум години, но и до продажба на разни парчиња облека и други предмети со знакот на Њујорк.
На третото место на оваа ранг-листа на „Спортико“, кога станува збор за НБА-клубовите, е Лос Анџелес лејкерс (5,63 милијарди долари), чија вредност скокнала за 10 отсто. Лос Анџелес клиперс, пак, кој се подготвува да гради сопствена сала, направи најголем процентуален скок, од дури 20 отсто, односно сега вреди 3,16 милијарди долари. Просечната вредност на франшизата во НБА-лигата е 2,58 милијарди долари, или девет отсто повеќе отколку минатата година.