И Европското првенство (ЕП) во кошарка во 2021 година ќе се одржи во четири држави, како и минатите две изданија. Домаќини ќе бидат Чешка, Грузија, Италија и Германија, објави Европскиот дел на Светската кошаркарска федерација (ФИБА Европа). Претходното ЕП, во 2017 година, се играше во Романија, Финска, Израел и во Турција, а тоа во 2015 година во Франција, Хрватска, Германија и во Летонија.
Последен пат ЕП во кошарка за мажи во една земја се одржа во 2013 година, во Словенија. И ЕП за жени веќе се доделуваат на повеќе домаќини, па шампионатите во последно време главно се играат во по две земји (2015-та во Унгарија и во Романија, годинава се играше во Летонија и во Србија, а во 2021 година во Франција и во Шпанија), освен тоа во 2017-та, во Чешка.
Во фудбалот, ЕП имаше по два домаќина во 2000 година (Белгија и Холандија), во 2008-ма (Австрија и Швајцарија) и во 2012 година (Полска и Украина), а ЕП 2020 ќе се игра во дури 12 земји, но во чест на 60-годишнината од првото ЕП. Еден организатор ќе има ЕП 2024, Германија. ЕП во фудбал за жени се играат во една земја, со исклучок на ЕП 1997 (Норвешка и Шведска).
Во ракометот, во 2018 година ЕП се играше во Хрватска, следното, в година, првпат во три земји и првпат со 24 селекции, а потоа во две (континенталните првенства во ракомет се враќаат на еден домаќин во 2024 година, во Германија). ЕП за жени в година ќе се игра во две земји, а тоа во 2022 година во три, меѓу кои и во Македонија (уште и во Црна Гора и Словенија).
Слично е и во одбојката, каде што во септември четири земји ќе бидат организатори на машкото ЕП (Словенија, Франција, Холандија и Белгија), на кое ќе дебитира Македонија. Од претходните осум ЕП во одбојка половината се играле во повеќе од една земја. ЕП за жени, пак, годинава треба да се игра во четири држави, а претходните четири изданија се играа во по две.
Од 2015 година во четирите спорта заклучно со 2020 година треба да се организираат 20 европски првенства и од тоа за осум шампионати имало по една земја-домаќин. Од 2021 до 2024 година познати се домаќините на уште седум првенства, од тоа трипати ќе има еден домаќин. Вкупно од 27 ЕП за 10 години на 16 имало или ќе има повеќе од еден организатор.