КОШАРКА – НБА

Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс загубија со неверојатни 51 поен разлика од Далас (73-124), на свој терен, во натпревар од новата сезона на НБА-лигата. Патем, поставен е нов рекорд од најголема разлика по првото полувреме во НБА-лигата од 50 поени (27-77), а вкупната разлика Далас ја зголеми за еден поен. Претходниот рекорд беше сопственост на Голден стејт, со водство од 47 поени по првиот дел на мечот со Сакраменто, одигран на 2 ноември 1991 година.

Тимот од Тексас за 24 минути игра во првото полувреме постигна 77 поени, што и не е изненадување, но необично е што прими само 27 поени. Во брилијантната партија на Далас доминираше Лука Дончиќ со 24 поени, осум асистенции и девет скока, а кај домашните, кои настапија без Кави Леонард, најефикасен беше Пол Џорџ со 15 поени.
Во Источната конференција со по три победи и без пораз водат Кливленд, Орландо и Индијана, а Атланта има две победи од два меча.