Њујорк никс е највредниот клуб од НБА-лигата, со 4,6 милијарди долари

Според „Форбс“, просечната вредност на кошаркарски НБА-клуб годишно се зголемува за 14 отсто, стапка што го надминува растот на клубовите во американски фудбал (НФЛ, 11 проценти) и во бејзбол (МЛБ, осум насто). Од 2010 година, просечната вредност на еден клуб од НБА се зголемила за 575,7 отсто, што е речиси двојно повеќе од стапката на екипите во МЛБ и во НФЛ

Иако тимот не е успешен на спортски план, кошаркарскиот клуб Њујорк никс е највредниот клуб од НБА-лигата, со 4,6 милијарди долари, покажува извештајот на магазинот „Форбс“. Лос Анџелес лејкерс со 4,4 милијарди и Голден Стејт вориорс со 4,3 милијарди се другите два НБА-клуба вредни над четири милијарди долари.
Потоа следуваат Чикаго булс (3,2 милијарди долари), Бостон селтикс (3,1), Лос Анџелес клиперс (2,6), Бруклин нетс (2,5), Хјустон рокитс (2,475), Далас маверикс (2,4), Торонто репторс (2,1) итн. Најдолу на листата, на 30-та позиција, е Мемфис гризлис, со 1,3 милијарда. Вкупно, секој НБА-клуб вреди повеќе од една милијарда долари, а во просек по 2,12 милијарди долари, се вели во извештајот.

Според „Форбс“, просечната вредност на НБА-клуб годишно се зголемува за 14 отсто, стапка што го надминува растот на клубовите во НФЛ (11 проценти) и во МЛБ (осум проценти). Од 2010 година, просечната вредност на еден клуб од НБА се зголемила за 575,7 отсто, што е речиси двојно повеќе од стапката на екипите во МЛБ (361,5 отсто) и на екипите во НФЛ (279,2 проценти).

Како една од главните компоненти за зголемување на вредноста на клубовите се сметаат вредните договори за ТВ и за стриминг-преноси на нивните мечеви.

Просечната возраст на гледач во НБА е 43 години, наспроти 52 за НФЛ (американски фудбал) и 59 години за МЛБ (бејзбол). Стриминг-гледаноста на НБА-натпреварите на ЕСПН и на ТНТ сезонава била поголема за 30 отсто од лани. Сегашните договори на НБА со ЕСПН и со ТНТ од 2,7 милијарди долари на годишно ниво важат до крајот на сезоната 2024/2025, а се очекува следниот договор да биде двојно поголем. 


НАЈВРЕДНИТЕ ДЕСЕТ КЛУБА ВО НБА
Њујорк никс 4,6
Лос Анџелес лејкерс 4,4
Голден Стејт вориорс 4,3
Чикаго булс 3,2
Бостон селтикс 3,1
Лос Анџелес клиперс 2,6
Бруклин нетс 2,5
Хјустон рокитс 2,475
Далас маверикс 2,4
Торонто репторс 2,1
сумите се во милијарди долари
Извор: Форбс