Примарниот фокус на оваа промена на правилото беше повеќе да не се наградуваат офанзивните играчи што иницираат контакт со дефанзивец за да добијат слободни фрлања. Со новото толкување на НБА за овој потег, офанзивниот играч сега ќе добие прекршок во напад или играта ќе продолжи

КОШАРКА

На задоволство на многумина, кошаркарската НБА-лига неодамна објави некои промени во начинот на судење на одредени натпревари. Во опсежната тема кон крајот на септември, НБА детално ја опиша новата промена во начинот на судење на „некошаркарски потези“ на играчи во нападот, пишува „Спортс илустрејтед“.
Примарниот фокус на оваа промена на правилото беше повеќе да не се наградуваат офанзивните играчи што иницираат контакт со својот дефанзивец за да добијат слободни фрлања. Во претходните неколку сезони, оваа стратегија стана особено распространета. Со новото толкување на НБА за овој потег, офанзивниот играч сега ќе добие прекршок во напад ако контактот е прекумерен или играта ќе продолжи без прекршок ако контактот е маргинален.

Публиката виде еден од првите примери на оваа нова интерпретација на ова правило за време на дуелот во претсезоната помеѓу Голден стејт и Портланд. Во првата четвртина, Стеф Кари го крена својот чувар во воздух со лажен скок, а потоа продолжи со контакт со него со движење напред. Овој потег, за кој најверојатно ќе беа досудени слободни фрлање минатата сезона, резултира без досуден прекршок, пишува „Спортс илустрејтед“.
– Се навалив напред, многу напред. Тоа е некоја одлука во смисла дали дефанзивецот е уште во легална одбранбена позиција или јас навистина го иницирав контактот? Таму ќе има сива зона. Доследноста е најголема работа што ни треба од судиска гледна точка. Сѐ додека се доследни, ние ќе ги направиме приспособувањата, a играта нема да трпи или, пак, мојата игра нема да трпи поради тоа – рече Кари, кој вели дека оваа нова промена ќе биде тешка и за играчите и за официјалните лица.