КОШАРКА – ФИБА

На седница на Генералното собрание на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), одржана во Сараево (БиХ), а на кое присуствуваа претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, и генералниот секретар Владимир Георгиевски, ФИБА одлучи да ѝ ја додели организацијата на Македонија на две европски младински првенства (ЕП) во 2022 година, што е само уште една потврда за довербата што КФМ ја има кај раководните луѓе на ФИБА.
Првото ЕП е за кадети, дивизија А, за кошаркари до 16 години (од 12 до 20 август). Кадетите се единствена младинска категорија во која македонската репрезентација е во дивизијата А, откако се пласира на тоа натпреварување во 2018 година, на шампионатот во Сараево. Македонија уште во 2020 година требаше да биде домаќин на ова ЕП, но не се одржа поради пандемијата на ковид-19, а годинава затоа што ФИБА одлучи наместо турнири, да се играат челенџер-турнири. КФМ ја доби и организацијата на ЕП за дивизијата Б за младинки до 20 години (од 9 до 17 јули).