Тој го постигна решавачкиот гол од пенал во финалето на ЕП 1976-та, Чехословачка – Германија (2-2, 5-3 на пенали), ноншалантно совладувајќи го германскиот голман Сеп Маер. Тој карактеристичен лоб-удар од пенал подоцна беше наречен „паненка“
ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (5)
Кога ќе се спомене Европското првенство (ЕП) во фудбал во 1976 година, на кое домаќин беше СФР Југославија (се играше во Белград и во Загреб), петто едноподруго и последно со четири репрезентации, првата асоцијација е Антонин Паненка. Тој го постигна решавачкиот гол од пенал во финалето Чехословачка – Германија (2-2, 5-3 на пенали), ноншалантно совладувајќи го германскиот голман Сеп Маер, кој летна во празно на левата страна додека топката во благ лак по средината на голот влезе во мрежата. Тој гол и удар подоцна наречен „паненка“ е еден од најпознатите, честопати се врти на телевизија, го повторуваат многу познати и непознати фудбалери и засекогаш ќе се памети како еден од најблескавите моменти во фудбалската историја.
– Да можев да го патентирам, сигурно ќе го патентирав тој удар – се шегуваше Паненка.
На тоа ЕП, покрај Чехословачка, настапија тогаш актуелниот светски и европски првак, Германија со Франц Беканбаеур, кој во финалето го одигра 100-от меч, светскиот вицепрвак Холандија со Јохан Кројф, и домаќинот СФР Југославија. Во полуфиналето во Белград, Германците беа пред пораз од СФРЈ, откако по првите 45 минути беа во негатива од 0-2. Но во вториот дел, на сцена стапи Милер, но не Герд, туку Дитер, за целосен пресврт, 4-2 по 120 минути игра. Во второто полуфинале во Загреб беше слично, и таму се играа 120 минути, по кои Чехословачка победи со 3-1, а од игра беа исклучени главните играчи на „лалињата“, Јохан Нескенс и Вим ван Ханегем.
Германците беа фаворити за одбрана на пехарот, но Чехословаците, иако се сметаа за аутсајдери во таа конкуренција, беа во серија од 20 натпревари без пораз и заслужено ја освоија првата титула. Германците како и во полуфиналето со Југославија, по 25 минути игра повторно беа во негатива од 0-2. Но Дитер Милер набргу намали на 1-2, а Бернд Хелценбајн во претпоследната минута изедначи на 2-2. Во продолженијата немаше голови по што следуваа пенал-рулетот, прв во историјата на ЕП, и фамозниот „бесмртен“ гол на Паненка.
– По секој тренинг останував со голманот и шутирав пенали, се обложувавме во чоколадо или во чаша пиво. Но бидејќи тој беше многу добар голман, тоа стана скапа забава за мене. Затоа, понекогаш пред спиење се обидував да смислам начини како да бидам подобар од него и да ги надоместам загубите. Дојдов на идеја дека ако малку го забавам ударот и едноставно лесно ја удрам топката, голманот што се фрла кон аголот од голот, не ќе може да скокне назад.
И тоа стана основа на мојата филозофија. Почнав полека да го тестирам ударот и да го применувам во практика. Несаканиот ефект беше што почнав да добивам тежина, затоа што почнав да ги добивам облозите. Почнав да го користам тој удар, прво на пријателски мечеви, на дуели во пониските лиги и на крајот го усовршив, па го користев и во главната лига. Кулминацијата беше во финалето на ЕП. Мислам дека на Маер тоа не му се допадна, веројатно не му се допаѓа и сега кога ќе го чуе моето име. Но никогаш немав намера да гo направам смешен. Напротив, го одбрав тој удар бидејќи сфатив дека тоа е најлесниот и наједноставeн начин да постигнам гол. Тоа беше рецептот – раскажуваше Паненка за ударот од 11-те метри.
Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција,
за поединците и за репрезентациите што го обележија ова
натпреварување